Деца.мк истражуваше каде потфрли нашето општество кога дозволи 14-месечно дете да биде ѕверски претепано. Каков профил на човек може да му нанесе такви повреди на толку мало дете, како е можно никој да не пријавил насилство, каде е одговорноста на институциите, зошто системот дозволил случајот предоцна да стигне до министерствата за здравство и за внатрешни работи?

Бебето кое пред десетина дена беше хоспитализирано на скопскиот Ургентен центар со крвавење во главчето и скршеници на ножињата имало матичен педијатар. Последен пат било однесено на преглед на 17 април годинава, но откако било испуштено од родилиште, не примило ниедна вакцина. Во моментот малечкото девојче е во стабилна состојба на Клиниката за детска хирургија при Клиничкиот центар во Скопје. Но, има многу повреди и секој ден излегува понекоја нова ситуација, вели д-р Марјан Камиловски од Клиниката за детска хирургија.

Деца.мк истражуваше каде потфрли нашето општество кога дозволи 14-месечно дете да биде ѕверски претепано. Каков профил на човек може да му нанесе такви повреди на толку мало дете, како е можно никој да не пријавил насилство, каде е одговорноста на институциите, зошто системот дозволил случајот да стигне до министерствата за здравство и за внатрешни работи предоцна?

Фото: Радован Вујовиќ

Детенцето беше првенствено хоспитализирано на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување. Таму било стабилизирано и пред пет дена е префрлено на Клиниката за детска хирургија. Според Камиловски, детенцето е стабилно.

– Не е во критична состојба, но има последици. Има многу повреди и секој ден излегува понекоја нова ситуација – вели тој.

Ова се официјалните информации

Изминатата недела имаше многу шпекулации околу целиот случај. Во овој серијал се држиме до фактите што ги добивме како официјални информации. Според нив, мајката на детенцето, која има околу 20 години, била дете без родители и примала помош од државата. Нејзиното детенце имало матичен педијатар и било носено на лекар кога било болно, но никогаш не било вакцинирано. Мајката ниту еднаш не пријавила во полиција дека е жртва на насилство.

Д-р Ирина Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, вели дека направиле инспекциски надзор во картонот на детенцето.
– Било однесено 3-4 пати на матичен педијатар, најчесто поради респираторни инфекции на горните дишни патишта. Била препишувана соодветна терапија, но потоа не било носено на контролен преглед. Детето нема вакцинален картон. Никогаш не било однесено на лекар поради скршеници или други сериозни потреби – вели Бухова.

Детенцето во моментот има назначен старател, а мајката, на која исто така биле забележани повреди, е во згрижувачки центар. На случајот се ангажирани службите од министерствата за труд и социјална политика, за внатрешни работи и за здравство.

По сослушувањата на мајката во полициска станица, од секторот за внатрешни работи Скопје – Единицата за насилен криминал велат дека преземаат соодветни мерки за случајот. На прашањето дали мајката досега пријавила каков било вид насилство, од МВР велат:
– Единицата за насилен криминал – Одделение за семејно насилство изврши проверки. Утврдено е дека досега нема таква пријава – велат од службата за односи со јавноста.

Повеќе информации не можат да дадат поради предистражните дејства што се во тек. Според членот 289 од Законот за кривична постапка, сите дејства на полицијата во предистражна постапка се сметаат за тајна.

До фаталниот ден немало физички повреди

Инспекцијата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат покажала дека според картонот од матичниот лекар каде што било лекувано, малечкото е родено на 3 мај 2017 година, со тежина од 2.470 грама и должина од 47 сантиметри. Од родилиште било испуштено со тежина од 2.410 грама. На 26 мај истата година му бил отворен здравствениот картон. На 29 септември било однесено на лекар поради горно-респираторна инфекција. Матичниот педијатар препишал терапија, но бебето не било однесено на контрола. Од слични причини бебето било однесено на педијатар на 20 декември. При контролна крвна слика педијатарот забележал дека имало блага анемија и опаднат хемоглобин поради несоодветна исхрана. Со слични дијагнози на респираторниот систем бебето било однесено на лекар на 8 февруари и на 17 април. Тоа било последна посета пред фаталната состојба.

– Матичниот лекар во картонот нема забележано физички повреди – вели д-р Бухова.

Таа работи како доктор веќе 27 години. На прашањето дали е ова единствен случај на вакво насилство, таа вели:
– Долги години сум со пациенти. За жал, морам да заклучам дека ова не е единствен случај. Едноставно жртвите не пријавуваат – вели таа.

Од Министерството за труд и социјалната политика велат дека истрагата за случајот е во тек и дека во рамките на своите надлежности, преку службите за социјална работа ги преземаат сите потребни мерки.
– Мајката на детето е корисник на парична помош на лице кое до 18 години возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа. Детето е ставено под старателство на скопскиот Центар за социјални работи. Примарна обврска на Министерството е да обезбеди целосна грижа и заштита на детето. Нашите служби се во постојана координација со МВР и со Министерството за здравство. Повеќе информации ќе соопштиме кога ќе биде затворена истрагата – велат од службите за односи со јавност.



912

X