Завчеравечер на социјалните мрежи беше споделено видео на кое се гледа како маж тепа мало дете

Полициска станица, т.е. Министерството за внатрешни работи или Центарот за социјални работи се местата во кои се пријавува насилство или сомнеж за насилство врз дете. Тоа може да го направи секој граѓанин. Институциите соработуваат меѓу себе, а полицијата за посериозни дела, како што објаснуваат оттаму, се обраќа на јавен обвинител, кој дава насоки за водење конкретна постапка.

Неодамна на социјалните мрежи беше споделено видео на кое се гледа како маж тепа мало дете. Тој, според пишувањата на оние што го познаваат, му е татко на детето. Мајката, која седеше до него, не реагира. Реакциите на читателите беа бурни, а видеото, поради содржината, е избришано од социјалните мрежи.

– Граѓаните што биле сведоци на насилство или имаат сомнеж дека се случува треба веднаш да пријават во најблиската полициска станица или во Центарот за социјални работи. Веднаш се преземаат мерки и доколку станува збор за посериозно дело, се известува јавен обвинител, кој дава насоки за понатамошната постапка. Може да пријави кој било – велат од МВР.

Инаку, вчера еден центар за социјални работи привремено му го одзеде родителското право за детето што беше жртва на насилство според видеото кое се споделуваше на социјалните мрежи.

Од центрите за социјални работи објаснуваат дека доколку кај нив прво се пријави случај на насилство врз дете, тие ја информираат полицијата, а потоа стручен тим излегува на терен и прави процена за тоа што треба да се преземе. Некои од опциите се привремено да се одземе родителското право или да се врши надзор на родителското право.

Според законот, дете е жртва кога трпи директно насилство, кога е присутно на насилни односи помеѓу членовите на неговото семејство или кога живее во средина во која има насилни односи. Законот вели и дека секој граѓанин е должен да пријави сознание за семејно насилство во полициска станица, центар за социјална работа, здружение или на СОС-линија. Надлежните институции се должни да постапат и по анонимна пријава.

Од Министерството за труд и социјална политика апелираат граѓаните да ги пријавуваат случаите на семејно насилство.

– Сите заеднички треба да се бориме против семејното насилство – велат оттаму.



912

X