Воспитување

Јога во училиште во Балтимор

Во основното училиште „Роберт Колман“ во Балтимор се практикуваат јога и други облици на вежби, но исто така се работи и во градината, се чисти паркот и се посетуваат околните фарми.

Наместо да ги казнува непослушните ученици со тоа што ќе ги премести на „магарешка клупа“ или во друга просторија со цел да размислат за своите постапки, училиштето ги праќа на медитација. Како што пишува порталот UpWorthy, децата одат во соба за свесна медитација, која е многу пријатна, опремена со светилки, разни декорации и меки перничиња.

За разлика од повеќето училишта кои непослушните деца ги казнуваат на начини кои кај нив предизвикуваат револт наместо да поттикнат размислување за постапката, во ова училиште децата седат и работат вежби за дишење или медитираат, што им помага да се смират и да се концентрираат, но исто така и разговараат за тоа што се случило.

Овој метод го поддржале и научниците што велат дека по пат на свесна медитација во мозокот и во телото се создава нешто многу интересно. Една студија им ја препорачува ваквата медитација на војниците со цел полесно да можат да ги прифатат ужасите што ги преживеале, особено поради фактот што медитацијата им го поправа расположението, но и концентрацијата и вниманието.

„Кој би рекол дека малите дечиња ќе седат мирни и ќе медитираат, но тие навистина го прават тоа. Медитираа дури и пред да одат на прослава за Божиќ, иако претходно знаеја дека дома ги очекуваат подароци. Сепак, останаа смирени и фокусирани“, изјави Кирк Филипс, предводник на проектот.

Се покажало дека медитацијата ја поттикнува грижата на децата за природата и влијае врз нивното однесување дома. Тие често ги советуваат и нивните родители да медитираат, кога ќе забележат дека се вратиле нервозни од работа.

Откако почнала да се спроведува програмата во училиштето, бројот на деца што се однесуваат неприфатливо значително се намалил, а исто така и бројот на отсуства од часовите. Поради успешноста на програмата, нејзините творци размислуваат да ја применат и во други американски училишта.

Поврзани написи

To top