Послушните деца се на цена насекаде во Европа. Затоа родителите треба навреме да ја покажат својата поддршка за децата бидејќи во спротивно, тие нема да го преживеат училишниот систем. На деца на возраст од 6 до 9 години и тоа како може да им објаснат дека на некои работи на училиште не можат да речат „не“, туку дека едноставно мора да учествуваат. И најчесто успеваат да учествуваат, но им треба признание и поддршка од родителите. Училиштата по правило сакаат родителите да ја претставуваат филозофијата на училиштето и да не бидат на страната на децата, но на тој начин децата се чувствуваат осамени. Затоа е исклучително важно родителите да бидат сто проценти со нив.

Освен тоа, треба што порано да ги научиме нашите деца да кажат „не“ со чиста совест. Чистата совест е одлучувачки аспект. Повеќето наставници се испровоцирани кога децата им даваат дрско или агресивно „не“ како одговор, но ако детето учтиво и одлучно каже „не“, тогаш наставниците знаат како да постапат.

Во Германија и во Австрија често се среќаваме со родители кои се жалат на големата флуктуација на наставниот кадар, па зборуваат и за лични проблеми со одредени наставници. Едниот ја потценува нивната ќерка, другиот премалку ѝ обрнува внимание, третиот ја малтретира. Во такви ситуации, родителите дури размислуваат да го префрлат своето дете во друго училиште, па дури и да се преселат.

Ги советувам да не го прават тоа бидејќи е важно детето да научи да се справува со тешки луѓе. Освен тоа, родителите можат да бидат среќни ако детето имало само еден лош учител. Самите наставници не секогаш успеваат да допрат до секој ученик на вистински начин, а децата мора да бидат подготвени за таков систем.

На крајот на краиштата, сите овие се корисни искуства, затоа не треба да се обидуваме да ги заштитиме децата од нив.

Во целата оваа дебата за училиштата, секогаш станува збор за структурални прашања. На пример, дали треба да инсистираме на целодневно училиште? А тоа воопшто не е важно. Важно е да се знае дека училиштата не можат да им понудат на наставниците вредно и привлечно работно место. Обично се заглавува уште во самата администрација, а ако не можеме да воспоставиме добри работни места за возрасните, тогаш не можеме да воспоставиме плодна средина ниту за децата.

Тоа е како во едно семејство: децата можат да бидат добри само ако возрасните се добри. Верувам дека не зборуваме за содржина, бидејќи училиштата се политички инструменти. Во денешно време нашите политичари задолжени за образованието паѓаат во колективна психоза штом стигнат резултатите од ПИСА-тестовите и мислат дека мора веднаш да поправат нешто.

Сепак, треба да зборуваме за фактот дека училиштето е наменето и за меѓучовечки односи и не треба да се занимаваме со прашањето зошто толку многу наставници престанале да се радуваат на својата работа. Имено, тие постојано се во дефанзива и секојдневно трпат напади врз нивниот авторитет и нивните граници. Затоа, нема смисла да се поларизираат родителите, наставниците и учениците. Многу родители прилично наивно бараат училиштето да биде тука за нивните деца. Но, училиштата не се таму за децата, никогаш не биле. Училиштата се обврска, тие му служат на општеството и претставуваат принуден педагошки настан кој трае извесно време.

Пред сè, во училиштата треба да има добра соработка помеѓу наставниците и нивните претпоставени, потоа меѓу наставниците и учениците и меѓу наставниците и родителите. Меѓутоа, низ цела Европа, образованието на наставниците воопшто не се занимава со тоа како наставникот ќе воспостави значаен контакт со учениците или со родителите. Наставниците се однесуваат како аматери затоа што се аматери и не можеме да ги обвинуваме за тоа.

Се разбира, има природни таленти меѓу наставниците, но повеќето од оние што ги знам се всушност во дефанзива. Постојано се жалат дека се незадоволни од својата служба и се сомневаат во својата професија. Тоа е вистинска трагедија. Целодневна или полудневна трагедија, сосема е сеедно.

Текстот е преземен од книгата „Пет темели на семејниот живот“ – Јеспер Јул

Извор



912

X