Воспитување

Јеротиќ: Детето се раѓа со одредена основа која родителите со љубов ја насочуваат и надградуваат

Во современиот свет постојат десетина видови пристапи во родителството и „школи“ за воспитување, а сите имаат една цел – детето да се развие во добра личност која ќе прави добри избори. Една од тезите е дека детето се раѓа како „празна табла“ на која родителите ги „впишуваат“ сите особини и склоности, меѓутоа, една друга струја, на која ѝ бил понаклонет и познатиот психијатар Владета Јеротиќ, верува дека детето сепак се раѓа со одредена „основа“, која родителите со својата љубов ја насочуваат и надградуваат.

Еве како тој феномен го објаснил д-р Јеротиќ:

„Љубов е кога сè на светот ни е блиско. Прво се буниме против таткото, потоа против мајката, а кога и ние ќе добиеме деца, пак е исто, истите грешки ги правиме. Нема идеални родители. Секој некаде ќе згреши.

Современото мислење на западните психолози во добар дел тврди дека секое новороденче не се раѓа како „табула раза“ – ненапишана табла, туку со чувство за добро и зло и тоа за мене е многу прифатливо. Се разбира, тука генетиката игра важна улога. Доброто и злото се заедно, а потеклото на злото не го знаеме доволно. Во човекот постои добро. Се повикав на современите психолози и таа мисла за доброто и злото која е присутна кај новороденчињата. И тука почнува значењето на родителите – колку родителите ќе успеат добро да ја развијат основата на детето. Бидејќи, двете основи не се еднакви. Некој се раѓа со посилна основа за зло и обратно. Така што, многу е важно какво воспитување ќе следува.

Во Америка, на пример, меѓу психолозите и психијатрите се смета дека во развојот има 50 отсто генетика, а 50 отсто стекнато однесување во текот на животот. Не може дете нормално да се развие ако мажот и жената не се сакаат. Немам деца, но треба да се внимава како постапуваме со децата бидејќи тие сè пренесуваат – и позитивното и негативното – од родителите на своите деца. Кога за тоа зборувам, младите луѓе се плашат. Треба да се најде вистинската личност и многу е важно и едната и другата страна длабоко да почувствуваат – тоа е тој! Тоа е таа! Тоа не е измислено, не е илузија.

Во детството не треба да се пренагласува книгата, туку играта. Човекот е најпрво хомо луденс, па потоа сè друго“.

Извор

Поврзани написи

To top