Во период од 12 години ги поминав речиси сите скалила и работев кај сите животни. Искуството е уникатно и позитивно, а покрај многуте новини, во план е дигитализација за да ги намалиме редиците за влез, вели Кристијан Стаменов, директор на Зоолошката градина

Пролетта има моќ да додаде убавина, боја, нов живот, свежина во сѐ што нѐ опкружува. Па така, деновиве е вистинско уживање да се посети Зоолошката градина во Скопје. Разеленувањето, новите принови во ЗОО-семејството и целиот концепт на градината нудат неколкучасовно задоволство и забава.

Јасли-групата во Скопската ЗОО се прошири со десетина бебиња, споделуваат од Зоолошката градина. Три бели лавчиња, лама, првпат бебе од двогрбата камила, две патас мајмунчиња, бебе белорак гибон, валаби кенгурче, лемур, камерунски кози, верверички, џуџести кози, џуџест мармазет, берберска овца, зајачиња се вистинско освежување за градината.

Повеќе анимација за децата

Кристијан Стаменов, директор на Зоолошката градина, ни посочи дека периодов имале и пролетно чистење.

– Ја расчистивме Ботаничката градина на површина од 20.000 m2, а во подготовка е реконструкција на мостовите и засадување голем број нови садници. Исто така, се реконструира и се пробива нова патека околу живеалиштето на нилскиот коњ со што ќе се елиминира тесното грло кај мршојадците и ќе се растовари метежот во тој дел од градината – ни изјави Стаменов.

Според него, приоритет на градината е да се одржува и обнови сето она што е изградено во изминатиот период, а секако и да се збогати Зоолошката со едукативни катчиња и со дополнителни детски реквизити, како игралишта и слично, за децата да имаат повеќе анимација и занимација.

Јавање коњи и возење со пајтон

– Следно планираме да воведеме нов начин на хранење на жирафите и слоновите од страна на посетителите. Да воведеме јавање на коњи и за возрасните, да промовираме дополнителна услуга – возење со пајтон. Да ги отвориме патеките кај шимпанзата и слоновите за посетители. Ќе креираме места за тим-билдинг, коктели и промоции за компаниите. Да го дигитализираме влезот и да ги намалиме редиците во викендите. Да ги реновираме едукативните центри и да ја подигнеме едукацијата на едно повисоко ниво – истакнува Стаменов.

Тој веќе 12 години е дел од тимот на Зоолошката градина, прво како вработен, а сега на чело на институцијата.

– Почнав да работам во периодот кога Зоолошката градина ја доживеа својата најголема реконструкција и стана атрактивно место за работа, но и за посета. Во период од 12 години ги поминав речиси сите скалила и работев кај сите животни. Искуството е уникатно и позитивно бидејќи ги пречекавме првпат: жирафите, морските лавови, слоновите, шимпанзата, сибирските тигри, пингвините, фламингата… Од аспект на вработен се грижев за животните на својот реон, хигиената и зеленилото. Во позиција на директор одговорностите се навистина поголеми, менаџирате со целокупниот процес на работа во Зоолошката, од грижа за животните, нивна нега и процес на исхрана. Треба да се обезбеди техничка функционалност на сите системи во Зоолошката, како електрични огради, врати, греење во зима, ладење и климатизација во лето, одржување на зеленило итн. Потребно е да се организираат вработените да се планира понатамошниот развој, но и да се уредат нови живеалишта со цел да се донесат нови животни – вели Кристијан.

Нови практики во чување и тренинг на животните

Неговата цел е заеднички, со целиот тим на вработени, да создадат чиста и уредна зоолошка со многу зелени површини, урбана опрема, цветни аранжмани, но пред сѐ со нови видови животни.

– Потребно е да го доекипираме тимот и да обезбедиме обука и едукација на вработените, да воведеме нови практики во чување и тренинг на животните. Да го модернизираме процесот на чистење со што негувателите би имале повеќе време да им посветат на животните. Целта е да креираме модерна зоолошка со богат фонд на животни со достапни цени, но и да ја направиме зоолошката место за вистинско уживање на сите генерации.

Во следниот период, и покрај големите трошоци за електрична енергија кои заземаат значителен дел од буџетот, планираме да го обновиме базенот на морскиот лав и да го ставиме во функција системот за филтрација на водата. Да ги замениме сите дрвени платформи во живеалиштето на лавовите, но и да го реновираме целокупниот објект, при што би добиле и нов зимски дел и енергетски ефикасен објект. Да ги замениме сите дрвени мостови кон Ботаничката градина. Да извршиме реконструкција и замена на покривите. Да ги бојадисаме сите метални и дрвени огради. Ќе поставиме нов систем за влез во Зоолошката со триподи. На среден рок да го реконструираме живеалиштето на мечките – посочува Кристијан.

Фото: Горан Анастасовски



912

X