Воспитување

„Јас сум денес најлошата мајка на светот“

Ајде да се запознаеме – јас сум најлошата мајка на светот. Или барем се гледам себеси во моментов.

Работам од дома, работа која е многу напорна во моментов. Преку ден додека се децата во градинка и училиште и навечер кога си легнуваат. Понекогаш дури и додека се будни. Се обидувам да јадат зготвено јадење секој ден, но за жал, не успевам секогаш. А последните неколку дена беа особено тешки.

Постарото дете, кое е ученик, оди на училиште попладне, а кога оди попладне, не оди во дневен престој. Кога сум јас дома, жално е детето постојано да е во престој (дали?). А помалото? Па, таа се разболи. Така сме сите заедно во куќата цели денови, додека јас се трудам да завршам барем дел од ветените работи, а тие бараат редослед на ужини, редослед на вистински оброци, а сето тоа е прошарано со трчање низ дома и расправии кои престанувам да ги бројам по десеттата.

Ама добро, си помислив, денес барем големово дете ќе оди во дневен престој, а помладото што не спиеше од температурата (а и јас) ќе спие попладне, па ќе имам време барем да завршам нешто. Но, за жал, баш денес малата сосетка слави роденден во зградата. И токму денес бучавата е над сите граници. На работ сум, изморена сум, со натрупана работа до степен што цел нареден викенд ќе ми биде работен, почнувам да му викам на болно дете кое не може да спие! А зошто веќе не заспие?! Знае ли таа дека ми треба мир за работа?! Знае ли колку работа ми се натрупа поради неа?! И веднаш да заспие и два часа да не ме праша ништо!

Каква мајка му вика на болно дете? Па, таа што немала време да одговори на е-пораките, да го заврши рокот, да зготви ручек – или барем нешто од сето тоа. Десетина минути по тој мој „тантрум“ покајанички влегувам во собата и ја гледам како ја крева главата и вели: „Мамо, се трудам, но не можам да заспијам“.

Затоа што сè што ѝ треба денес е да ме види задоволна. И ако тоа значи да ја принудам да спие, таа ќе даде сѐ од себе да го стори тоа. Таа не гледа ништо лошо во тоа што ѝ викам. Гледа дека таа е виновна што веднаш не заспала. Дека нешто не е во ред со неа кога веќе не може да го направи она што мајка ѝ го бара.

А мајката? Изливот на гнев што помина ја остави како издуван балон: Како е можно ние, родителите, да сме толку кревки и со слаби нерви и да имаме толку големо его што секогаш лесно го оправдуваме своето викање дека сме луѓе, уморни и со нашите маани, а детските изливи на гнев ги гледаме како – разгаленост?

Ако ви треба една скршена мајка, убедена дека нејзините деца треба да имаат подобар живот, јас денеска ќе бидам далеку од компјутерот и кујната. Обврските ќе продолжат да се трупаат, ќе нарачаме ручек, а најлошата мама на светот ќе се обиде да заборави на сето тоа и да се фокусира на навистина важните работи – исцелување на нејзината душа и на душата на своите деца.

Автор: Катарина И.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top