Се сеќавам на првиот ден кога го оставив моето дете во градинка, кога имаше само 12 недели. Кога го оставив, целата бев во солзи, барајќи каде да го оставам измолзеното мајчино млеко, тресејќи се додека ја давав торбата со пелени, едвај гледајќи под мојата избледена капа што ја криеше мојата неизмиена коса.
Се чувствував како да оставам дел од моето срце. Липав во автомобилот. Се вратив во текот на денот за да го надојам бебето.
Како мајка што работи и претприемач, мислев дека транзицијата во детската градинка ќе оди мазно. Имав испланирано сè. Си реков, ќе земам породилно отсуство осум недели пред повторно да се вратам на работа со полно работно време. Размислував и да работам на некои проекти додека бев на породилно (тоа не се случи).
Сакав да се откажам од сè и да бидам со ова малечко човече. Немав идеја што правам како новопечена мајка, но исто така не бев подготвена да се вратам на работа и да го оставам бебето, па затоа го продолжив породилното за уште еден месец.
Но, малку по малку, почнав да се потсетувам зошто го основав мојот бизнис. Се сетив на тоа колку прекрасни беа моите клиенти и колку се чувствував задоволно што го користев интелектуалниот дел од мојот мозок.
Во време кога чувствував збунетост во улогата на мајка (Дали е безбедно да спие со нас? Што треба да направиме со неговиот гастроезофагеален рефлукс? Дали ќе успее да цица без вештачка брадавица?) мојата работа ми даде чувство на контрола и извесна сигурност. Знаев како да си ја работам работата. Знаев како да управувам со редакциските календари и да создавам квалитетна содржина. Знаев како да му предавам на цел клас и да направам извештај за продажба.
Не знаев како да ја воведам транзицијата бебето да спие во неговото креветче или да му помогнам да спие еден час плус. Не знаев како да му ја олеснам состојбата. Не знаев како да го смирам кога беше вознемирено во попладневните часови, кога не спиеше добро во текот на денот.
А потоа почувствував промена и најдов начин да управувам со двете. Сега имам некој што се грижи за моето дете. Ми се допаѓа градинката. Му се допаѓа и нему. Негувателката ги знае сите детски песни, има играчки и камиончиња. Тој е среќен и здрав кога го земам. Престанав да одам напладне да го дојам. Престанав на секој час да испраќам пораки за да проверам како е. Додека учев да ѝ верувам на оваа нова нормалност, сè уште чувствував дека сум подобра во работата отколку мајка на моето дете. Можеби неговата негувателка е подобра од мене. Можеби тој повеќе сака да биде со неа отколку со мене.
Борејќи се со оваа мисла, размислувајќи за неа, сфатив нешто многу длабоко.
Јас можам да бидам и добра во мојата работа и добра мајка. Можам да ги сакам тивките ручеци меѓу состаноците и да го нишам моето бебе и да се бркаме пред капење.
Може да уживам во јогата и во прошетките со моето бебе.
Не станува збор за или-или ситуација.
Јас не сум подобра во мојата работа отколку што сум мајка. Исто како што моето бебе учи за мене и за светот, така јас учам за него и за мојата нова улога во овој живот. Сега знам дека приспивните песни му помагаат да заспие, како и местата каде што сака да го скокоткам. Знам колку полудува и колку се смее пред да заспие.
И знам дека мојата длабока љубов и благодарност што ја имам надминуваат сè што сум почувствувала некогаш во животот. А тоа, тоа ме прави одлична мајка.
Автор: Лиен Матуло
912