Најмногу го сакам лизгањето затоа што е комбинација на уметност и спорт, на музика и движење, на нежност и многу напорно вежбање – вели Јана Куковска, дванаесетгодишна лизгачка на мраз која освои прво место во категорија младинки на Државното првенство на Македонија 2018
Уште кога имала само четири години со помош на родителите тргнала да го бара спортот што ќе ѝ ја обземе душата. Пробала повеќе спортски активности и танц, но кога првпат ги облекла лизгалките и стапнала на мраз, тоа ѝ било најубавото чувство.
Дванаесетгодишната Јана Куковска, ученичка во седмо одделение во Основното училиште „Кочо Рацин“ во Скопје, во тек на сезона станува во шест часот наутро за тренинг, па оди на училиште. Попладне, повторно е на мразот.
Овој труд ѝ донесе многубројни награди и признанија, како трето место во категорија младинки на „Skopje on Ice 2017“, прво место во истата категорија на Државното првенство на Македонија 2017 година. Годинава, пак, освои второ место на „Skopje on Ice 2018“ и прво место во категорија младинки на Државното првенство на Македонија 2018. Втори места има освоено и во соседството на „Трофеј Београда 2017“ и „Нови Сад на леду 2017“.
– Во спортот се пронаоѓам себеси, кога лизгам, се чувствувам исполнето. Секој нов научен чекор, секое движење, сѐ што ми се случува на тренинзите ми претставува огромно задоволство. Можам да кажам дека најмногу го сакам лизгањето затоа што е комбинација на уметност и спорт, на музика и движење, на нежност и многу напорно вежбање. Го сакам спортот и затоа што со него пораснав, затоа што ме прави посилна и поупорна, затоа што ми ја разви самодовербата и затоа што кога спортувам, се чувствувам убаво – вели Јана за Деца.мк.
Сама ги решава проблемите
Нејзината мајка Весна Михајлова-Куковска ни раскажа дека Јана била многу живо и активно дете и уште од многу мала возраст покажувала интерес за спортски активности и танци. Но тоа не ја исполнувало и не ѝ било доволно.
– Кога Јана имаше шест години, сосема случајно, ја видовме рекламата на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за промоција на уметничко лизгање. И веднаш отидовме. Во тоа време, во 2011 година, сѐ уште немаше мраз, децата лизгаа на пластични панели. Од првиот час Јана беше воодушевена и се пронајде себеси во спортот. Радоста беше уште поголема кога во 2013 на лизгалиштето се постави вистински мраз. Оттогаш желбата за спортот, за тренинг, за напредок, постојано расте – вели Весна.
Таа додава дека вистински предизвик е да се биде родител на дете што се занимава со сосема нов спорт во нашата држава. Вложуваат многу време и енергија, но велат дека како и на секој родител, важно им е детето да е среќно, исполнето и да се занимава со она што го сака.
– Со првите тешкотии се соочивме при набавката на првите лизгалки, шиењето на првиот фустан за настап, учеството на првиот натпревар. Никој во нашава држава нема искуство со ова, па некако тежок и непознат ни беше патот кој го одевме. Јана е дете кое само си ги решава проблемите, па така секоја тешкотија во врска со „стручната“ работа си ја решава со тренерот, ние сме само поддршка – раскажува мајката Весна.
Сонува да скокне тројни скокови
За Јана, успех е секој совладан елемент во уметничкото лизгање, како и секој добар настап.
– Лично, многу голем успех го сметам второто место на минатогодишниот „Трофеј Београда“, кога неочекувано им се замешав во медалите и тоа не бронзената, туку сребрената ја зедов… Пресреќна бев, беше сосема неочекувано. А сонувам, пред сѐ, да скокнам тројни скокови, а потоа и успешно да се претставам на некој од големите светски натпревари во уметничко лизгање – возбудено вели младата лизгачка надеж.
Мама ја носи на тренинзи, тато ја прави музиката за настап
Најголема поддршка на Јана ѝ е семејството. Нејзината мајка Весна е со неа на секој тренинг и натпревар и ѝ дава целосна поддршка во сѐ што прави. Јана е и одлична ученичка, а омилени предмети ѝ се јазиците, македонски, англиски и германски.
– Татко ми ми ја прави музиката за настап, а брат ми е тука за сѐ што треба. Многу сум среќна што имам семејство кое ме поддржува, без него не знам дали би можела да го тренирам овој спорт. Имам огромна поддршка и од училиштето, особено од класната, која секогаш ме охрабрува и ме мотивира да одам напред. И, секако, од другарките и другарите, кои се секогаш тука за мене – вели Јана.
Потребно е затворено лизгалиште
Со оглед на тоа што уметничкото лизгање како спорт во Македонија е ново, дечињата се соочуваат со проблеми и потребна е поголема помош од институциите.
– Државата досега речиси и да не беше свесна за постоењето на овој спорт, го третираше како некој вид рекреација. Ние имаме мраз четири месеци, што значи дека само во овој период вистински се тренира. Од април до октомври децата тренираат на суво, ги учат и ги вежбаат елементите на суво, одат на летни кампови на мраз во странство за да можат колку-толку да бидат во чекор со конкуренцијата од другите држави – вели Весна.
Таа додава дека промотори на овој спорт се децата што тренираат и родителите. Работат многу за промоција на спортот, што за среќа полека покажува резултати.
– Децата во последнава сезона имаа огромна поддршка од Спортскиот центар „Борис Трајковски“, од Агенцијата за млади и спорт, како и од Македонскиот олимписки комитет. Тоа што нам ни е многу важно е што институциите го препознаа спортот и го препознаа талентот. Следно што треба да се направи е да се создадат услови за тренинг. На овие деца потребно им е затворено лизгалиште, каде што ќе можат да тренираат барем осум месеци во текот на годината – вели Весна.
912