Меѓу цртежите има и различни дизајни на облека, односно фустани, за кои има желба еден ден самата да ги сошие. Оттука ѝ е и замислата понатаму во животот да се насочи кон моден дизајн

За сликање се потребни талент и умешност, а делото е совршено кога во него се вложени труд, посветеност и многу љубов. Сите овие нешта лесно можат да се уочат во цртежите на деветтоодделенката Јана Димишковска, ученичка во училиштето „Тихомир Милошевски“, која талентот за уметност го поседува уште од рана возраст.
Иако не ѝ претставува проблем што било да нацрта, сепак, портретите се она што е во голема мера застапено во нејзината збирка со цртежи. Секое нејзино дело си има своја убавина, а она што е карактеристика е специфичниот начин на кој се изработени.

– Засега немам омилена техника на цртање. Сакам постојано да испробувам нови техники и стилови на цртање. Секое време го користам за цртање. Цртам и во телефонот и на хартија – вели Јана.


Меѓу цртежите има и дизајни на облека, односно фустани, за кои има желба еден ден самата да ги сошие. Оттука ѝ е и замислата понатаму во животот да се насочи кон моден дизајн.


– Мислам дека секој што сака уметност, сонува да го создаде она што некогаш било само негова замисла, или било само цртеж. Затоа би сакала некогаш некој од фустаните што ги имам нацртано сама да го сошијам. Но, за тоа мора прво да научам да шијам – низ смеа вели Јана.


Освен што сака да црта, таа негува и љубов кон јазиците, па посетува курсеви по англиски и по француски јазик.


Родителите на оваа млада уметница, Томислав и Бранкица, велат дека откако Јана научила да држи молив, оттогаш црта.


– Тоа беше одамна, уште во времето кога одеше во градинка. Јас и нејзината мајка вложуваме во сè што ѝ е потребно за цртање бидејќи навистина тоа го прави со љубов, несомнено е дека ја сака уметноста. Таа е сосема нормално дете, скромна е и одговорна млада личност – вели татко ѝ Томислав.



912

X