Обожавател на серијата „Канцеларија“ успеал да ја спаси својата 4-годишна ќерка благодарение на ликот Мајкл Скот од серијата. Кога Вера Поси колабирала при игра, нејзиниот татко Мет Убер веднаш се стрчал да ѝ помогне и извел техника за вештачко дишење и давање итна помош, иако немал обука за тоа.
Прво, Убер објаснил дека Вера престанала да се смее и потоа слушнал тап удар, па помислил дека девојчето се сопнало и паднало. Но, сфатил дека е многу посериозно од тоа кога ја кренал и видел дека очите ѝ биле превртени. „Видов дека не диши и почна да станува бледа“, рекол таткото. Почнал да вика по неговата постара ќерка Нора за да се јави во итна помош, додека тој ја наместил Вера на подот. Тогаш се сетил на сцена од „Канцеларија“ каде што се врши обука за техники за спасување, а тоа го прави и Скот, кој го игра Стив Карел. Убер објаснил: „Кога се обидов да размислувам што знам за давање прва помош, мојот ум буквално се сети на епизодата каде што тие имаат обука за прва помош и прават компресии на срце според ритамот на песната од „Би-џис“.
Тој ги ставил рацете каде што сметал дека треба, па почнал да прави компресии во ритам на песната од Би-џис. Лекарите потоа пристигнале и продолжиле да даваат брза помош, која вклучувала и дефибрилатор. Благодарение на брзото размислување од татко ѝ, Вера преживеала. Кога била однесена во детската болница „Рајли“ во Индијанаполис, лекарите откриле дека девојчето доживеало срцев удар на толку мала возраст. По повеќе тестови и анализи, на Вера ѝ била дијагностицирана калмодулинопатија, ретка и живото-загрозувачка состојба која предизвикува аритимија кај млади луѓе.
За среќа, Вера закрепнала и не се сеќава дека била во болница. Семејството сега сака да ја зголеми свесноста за ефективноста од познавањето на техниките за давање прва помош, кои на нивната ќерка ѝ го спасија животот. „Знаеме дека секоја секунда, секој момент кога првата помош не би била применета би се зголемил ризикот од невролошка оштетеност и можеби фатален исход кај Вера“, изјавила мајката на Вера, Ерин. Кој би рекол дека Мајкл Скот ќе спасува животи?
Автор: Синеад Батлер