Многу луѓе денес се осамени, а многу се борат со копнежот за присуство на некој близок со кој би можеле да споделат лични мисли, тајни и да чувствуваат дека припаѓаат некаде, но малкумина би го избрале потегот на тиктокерката Тајен Расиф (28) од Сингапур.
-Изнајмив татко на еден ден! – напишала таа во насловот на видеото кое го објавила на својот профил, а на кое коментирале многу следбеници, најмногу трогнати од нејзината приказна.
Имено, биолошкиот татко ја оставил кога имала само 11 години, а оттогаш живеела само со мајка си, па цел живот ѝ недостигала татковата љубов и поддршка. За да почувствува како е да го има нејзиниот татко барем еден ден, решила да ангажира актер. Го пронашла во Јапонија, каде што актерите често се подготвени на разни улоги, па не им се непознати ситуации како оваа.
Станува збор за М. Натори, 63-годишен актер кој има искуство во различни филмови и серии, во улога на татко. Кога се договориле, таа отпатувала кај него за да можат да се дружат како татко и ќерка на еден ден.
Кога се нашле, се прошетале, го посетиле блискиот храм, седнале во кафуле да се напијат чај и разговарале. Тајен рекла дека за време на разговорот, нејзиниот „татко“ ѝ дал еден животен совет: „Живеј го секој ден најдобро што можеш, бидејќи не знаеш што ќе донесе утре“.
-Тешко ми беше кога требаше да се збогуваме на крајот од денот, но ме теши помислата дека имам татко во Јапонија и дека можеби повторно ќе се сретнеме во нашите животи – рекла Тајен.
Автор: Маријана Матковиќ