Здравје

Изморена сум да ми велат дека сум го избрала полесниот пат за породување со царски рез

Во изминатите две децении речиси двојно е зголемен бројот на породувања со царски рез, по што Светската здравствена организација се изјасни дека има премногу непотребни вакви процедури во западните земји, каде што породувањето е процес кој е најбезбеден досега, па апелираат за намалување на бројките.

Ќе пишувам за приказна која ја споделив при неодамнешен разговор со бремена колешка. Разговорот беше поттикнат откако јас споменав дека и двете мое деца се родени со царски рез. Таа ме обвини дека сум била премногу разгалена за да „туркам“, па ѝ објаснив дека не било избор, туку медицинска неопходност, додека во себеси ја пцуев својата слабост и потреба да се правдам. Науката ни вели дека најдобро е бебето да дојде на свет по природен пат, но некогаш има и високи ризици со тоа. Ако некој има главоболка, пие апче, па зошто да не се прифати и модерниот начин на медицината кога треба да се случи нешто важно, болно и ДА, понекогаш опасно, како раѓањето дете.

Не е важно дали ќе издржите природно породување, дали ќе барате олеснување на болката со епидурална анестезија или ќе се породите со царски рез – кој и да е вашиот избор, треба да се сметаме за привилегирани што живееме во свет каде што медицинската интервенција е достапна и стапката на смрт на новороденчиња и родилки е мала.

Бев спремна да ѝ кажам љубезно „збогум“ на мојата обвинувачка кога таа потенцираше колку е разочарувачко да се биде ограбен од гинекологот на таков начин што се одзема можноста за природно породување. Молам? Мене ми беше потребна дури и медицинска интервенција за да забременам. Кога ми беше кажано дека и јас и моите две бебиња сме во опасност, се согласив без двоумење. Само сакав да имам здрави деца. Мојата колешка продолжи да ја критикува мојата „себична желба“ да не се породам природно и дека сум го одбрала полесниот пат, а тоа не било цел на „вистинските жени“. Во тој момент бев шокирана и лута, бидејќи царскиот рез не е полесната опција, некогаш е единствената опција.

Потребно е да се стави голема спинална инјекција за да се анестезира регијата од стомакот надолу. Со тоа вашите нозе одредено време се парализирани, но тоа не значи дека не чувствувате кога детето се раѓа. За време на првото породување чувствував сè – од сечењето со ножот до придвижувањето на цревата за да се извади бебето. Маската и хируршките работи кои ги имате на себе не се дизајнирани од Карл Лагерфилд и тоа е во ред, бидејќи вашето новороденче нема да ви суди за стилот. Исто така, операционите сали се студени, па сигурно ќе ви биде многу ладно.

Откако ќе се роди бебето, нема да викнат лекар да ве зашие, туку процедурата е различна, а остава и голема лузна. Ќе се уверите дека местото каде што е лузната ќе остане некое време без чувство на допир. Во мојот случај – 5 години. Заедно со прекрасно новороденче, ќе добиете и уште една торба со постпородилни подароци – катетер, лаксативи, а по епидуралната енстезија ќе искусувате сериозна абдоминална болка, освен ако не земете лекови. Ако ви се посреќи, ќе имате и големи главоболки. Така што, како и кај вагиналното породување, ќе има и крвавење, но не грижете се, тоа трае САМО 6 недели. Исто толкав период не ќе можете да се смеете, да седите или да лежите без абдоминална болка. Многу лесно!

За жал, мојата колешка изгледа се запишала на курс за борба меѓу мајките, пред дури и да роди самата. Љубезно ѝ посочив дека наместо да се грижи за начинот на кој бебињата доаѓаат на овој свет, да почне да се грижи за начинот на кој децата се воспитуваат и одгледуваат во светот. Сигурно ќе биде штета за нејзиното бебе да порасне во осудувачка личност каква што е неговата мајка.

Автор: Алини де Винтер

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top