Кога родителите немаат пари да платат, се случува мајката да избега од болница со детето, па финансиските служби на установата потоа „го бркаат“ семејството за да плати

Осумстотини денари од ден се плаќа за мајките или придружниците на децата постари од три години додека лежат во болница. Дополнително се плаќа и партиципација за лекувањето, па вкупната сума по престојот во болница за многумина знае да биде многу висока. Кога родителите немаат пари да платат, се случува мајката буквално да избега од болница со детето, па финансиските служби на установата потоа „го бркаат“ семејството за да плати. Проблемот е стар, но сѐ уште не е решен.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека е запознаен со проблемот на родителите и најавува дека ќе се реши.

Фото: KolektifPress

Полна сума, а во ист кревет со болното дете

– Со четиригодишното синче лежевме на Клиниката за детски болести поради силна инфекција. Во болница останавме 10 дена. Првите пет дена немаше кревет за него, па спиевме заедно. За десет дена само за мене платив околу 8.000 денари. Не ми е јасно зошто е толку висока сумата. Ако е за храната, таа не вреди за тие пари. Патем, не добивав ниту прибор за јадење. Немаше кревет во текот на половина од престојот, а пак платив полна цена. Не реагирав за тоа, нормално, побитно е да се згрижат болните деца, но не е фер – вели А.С. од Скопје.
Објаснува дека размислувала да го остави детето само да лежи во болница.
– Мислев да лежи само, но не можеш да го оставиш само, нема доволно медицински сестри. Вистина, тие што работат се пријатни, услужливи и се трудат, но малку се, не може да постигнат – додава таа.

Едвај собрале пари за карта – за лекувањето молеле за заем

Мајката раскажува дека во болница била во иста соба со мајка од Делчево, која секојдневно, освен за болното дете, се грижела и за тоа колкава ќе испадне сумата за плаќање.
– Ај што се секираше за детето, кое бавно закрепнуваше, туку се нервираше и за тоа што им се продолжува лежењето во болница. Ми кажуваше дека едвај се снашла за пари за карта за автобус до Скопје, дека работи во конфекција, а лекувањето ќе ѝ излезе многу поголемо од платата. Вртеше телефони и молеше да ѝ позајмат пари. Да не си ѝ во кожата – раскажува мајката.

Д-р Ставриќ: Здравјето на детето ни е приоритет

Директорката на Клиниката за детски болести, д-р Катерина Ставриќ, вели дека во оваа установа децата лежат просечно по пет-шест дена.
– Нормално, некогаш може да е пократко, некогаш подолго. Знаеме да бидеме флексибилни за родители за кои лекувањето е финансиски проблем, па ќе го пуштиме детето на домашно лекување и секој ден доаѓаат во дневна болница, на пример. Меѓутоа, приоритет ни е здравјето на детето. Правило е, на пример, да не се пушти дете од болница ако во последните 24 часа имало висока телесна температура – вели д-р Ставриќ.

Д-р Ангелчо Андоновски, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле, објаснува дека се чека ново законско решение со кое се надева дека на многу родители ќе им биде полесно финансиски.
– Знаете, некои бегаат од болница, па потоа службите ги бараат за да платат. Се надевам дека наскоро ќе се најде решение за овој проблем на родителите – раскажува д-р Андоновски.

Филипче: Познат ми е проблемот, кроиме решение

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека знае за маката на многу родители.
– Ќе се решава овој проблем. Запознаен сум со него и размислуваме на кој начин да го направиме тоа. Во моментов не можам да ви кажам кога, бараме најдобар и најбрз начин за решение – рече министерот Филипче.



912

X