Додека ја одложуваме бременоста, биологијата не чека. Јајце-клетките стареат со свое темпо, поради што сè повеќе парови се соочуваат со неплодност или им е потребна медицински потпомогната репродукција. Таканаречената секундарна неплодност е исто така во пораст – ситуација кога сте го добиле првото дете без никакви проблеми, но второто едноставно не можете да го зачнете. А причината многу често е возраста. Затоа сè повеќе се поставува прашањето дали постои „идеално време“ за основање семејство ако сакате повеќе од едно дете?
Што вели истражувањето?
Една обемна студија анализирала податоци за плодноста собирани 300 години за да пресмета на која возраст паровите треба да основаат семејство, во зависност од тоа дали сакаат едно, две или три деца – и колкава веројатност за успех сакаат (50, 75 или 90 проценти, без ин витро оплодување).
Според моделот: Ако сакате едно дете и сакате да имате околу 90 % шанси за зачнување природно, се препорачува да започнете со тој план до 32-годишна возраст. Ако сакате три деца и исто ниво на сигурност, моделот покажува дека би било идеално да започнете околу 23-годишна возраст. Моделот, исто така, претпоставува дека паровите, во просек, почнуваат да се обидуваат за својата следна бременост околу 15 месеци по породувањето, што дополнително ја поместува временската рамка.
Еден од авторите на моделот, Дик Хабема од Универзитетот „Еразмус“ во Ротердам, објаснува дека се обиделе да пополнат празнина во процесот на донесување одлуки. Многу луѓе, вели тој, едноставно не сфаќаат колку е важно времето.

-Ако сте опуштени околу прашањето дали сакате да имате три деца, можете да почекате додека не наполните 35 години. Но, ако сакате да бидете сигурни, треба да започнете порано – додава професорот Алан Пејси од Универзитетот во Шефилд.
Тој верува дека разговорите за плодноста и планирањето на семејството треба да започнат многу порано бидејќи, како што вели, „немаме временска машина“.
Кој е заклучокот?
Ова истражување не значи дека треба да паничите или да ги промените вашите планови преку ноќ. Но, значи дека е добро да имате реални информации. Ако сонувате за поголемо семејство, можеби вреди да размислувате однапред и да ги земете предвид биолошките фактори колку што ги земате предвид кариерата, финансиите и животните околности. На крајот на краиштата, одлуката за тоа кога да имате дете е длабоко лична. Но, информираноста ви дава моќ да планирате наместо подоцна да жалите што не сте знаеле.
Автор: Карина Шиждрак