Чувството и вкусот за уметноста се развиваат од најрана возраст – ова е заклучокот од истражување кое открило дека бебињата на возраст од четири месеци покажуваат уметнички склоности.
Психолозите од Универзитетот „Сури“ им покажувале слики на возрасни и бебиња од познатиот холандски сликар Винсент ван Гог. Дошле до заклучок дека двете групи претпочитаат исти слики, а најпопуларно негово дело биле зелените пченкарни стебла од 1888 година.
Тимот „Сасекс бејби“ лабораторијата, исто така, открил дека новороденчињата сакаат слики кои имаат повеќе рабови, како што се оние со лисја или гранки и со заоблени линии. Во објавените наоди, научниците рекле дека уметничките преференции се вкоренуваат на рана возраст.
Визуелните системи на децата се поразвиени отколку што се мисли
Главниот автор Филип Мекадамс рекол дека е „фасцинантно што бебињата реагираат на основните елементи на сликите, како што се рабовите и боите, и дека овие својства може да дадат голем дел од одговорот зошто на бебињата и на возрасните им се допаѓаат одредени уметнички дела“.
„Нашето истражување, исто така, се чини дека идентификува карактеристики на естетиката на возрасните кои можат да се проследат наназад до сензорните преференции во детството. Нашите наоди покажуваат дека визуелните системи и преференциите на децата се поразвиени отколку што вообичаено се мисли“.
Студијата е спроведена на 25 бебиња на возраст меѓу четири и осум месеци и 25 возрасни. Бебињата седеле во скутот на нивните родители додека 40 слики, меѓу кои и онаа на Ван Гог, им биле прикажани на таблет. На возрасните им биле прикажани истите дела и биле прашани кое од двете им е попријатно.

Бебињата претпочитаат слики со повеќе рабови и криви линии
Снимките покажуваат дека децата подолго гледале во пејзажите на Ван Гог, кои ги претпочитале и возрасните. Истражувачите откриле и разлики меѓу вкусовите на најмладите и возрасните. Бебињата претпочитаат слики со повеќе рабови и криви линии, што пак не им е омилено на возрасните.
Професорката Ана Френклин, основач на „Сасекс бејби“ лабораторијата, рекла дека се воодушевени како бебињата реагираат на уметноста.
„Иако нивниот вид е заматен, нашето истражување покажува дека од четвртиот месец бебињата можат да гледаат доволно добро за да гледаат некои слики подолго од другите и можат да го задржат вниманието на многу уметнички детали“.