Кога нашите денови се исполнети со стрес поради модерниот и брз начин на живот, честопати ни се чини дека на сите ни недостига време и трпение, без разлика колку години имаме. Поради овие причини, комуникацијата може да биде тешка.

Д-р Џени Ву, истражувач од „Харвард“ и мајка на три деца, објаснува дека воспитувањето емоционално интелигентни деца денес може да биде тешко, особено кога нашето внимание е толку поделено.

Така, таа издвои три фрази што им ги кажува на своите деца за да им помогне да станат емотивно поинтелигентни.

„Како би го опишал ова чувство?“

Кога децата имаат излив на бес, често тоа е затоа што им недостигаат вештини за да се изразат. На родителите им останува да им помогнат да развијат емоционална интелигенција за подобро да ги разберат нивните чувства.

– Детето може да каже дека е „тажно“ кога се чувствува осамено, засрамено или погрешно разбрано. Со опремување на децата со поспецифични зборови, како што се „фрустрирани“, „разочарани“ или „нервозни“, им даваме моќ да ги препознаат и артикулираат своите емоции – вели д-р Ву.

Родителите можат да ги опремат децата со емоционални изрази на неколку различни начини:

Додека ја слушаш или пееш песната, опиши како се чувствуваш.

Кога гледаш ТВ-шоу, разговарај за можните емоции што може да ги чувствува ликот или како би се чувствувал ти ​​во иста ситуација.

Кон крајот на денот разговарајте за емоциите што сте ги доживеале тој ден.

Најголемата грешка што ја забележувам е кога родителите ги означуваат емоциите како „добри“ или „лоши“. Наместо тоа, родителите треба да се фокусираат на тоа да им помогнат на своите деца да разберат што открива тоа чувство за нивните вредности и потреби – истакнува истражувачот.

„Денес не сум најдобро, но и тоа е во ред“

Родителите често може да се чувствуваат како да се под притисок да останат присебни и да ги кријат своите емоции, но тоа може да постави нереален стандард за децата.

– Иронично, колку повеќе ги потиснуваме нашите емоции, толку е поголема веројатноста тоа да резултира со викање. Треба да моделираме здраво емоционално изразување, споделувајќи ги нашите чувства на начин на кој нашите деца можат да разберат. Ова не значи да ги оптоваруваме со нашите проблеми, туку да им покажеме дека е нормално да чувствуваат низа емоции и отворено да се зборува за нив – советува д-р Ву.

На пример, ако родителите „пукнат“ затоа што се преоптоварени, наместо да ја кријат својата вина и да се преправаат дека ништо не се случило, тие можат да го искористат ова како поучен момент за да надминат тешка емоција.

– Кога отворено работиме на сопствените емоции, им покажуваме на нашите деца дека е нормално да имаме силни емоции и колку е важно да зборуваме за нашите постапки и да се поправаме – истакнува д-р Ву.

„Твоите емоции се реални“

– Треба да се грижиме за чувствата на нашите деца, да се корегулираме со нив. Избегнувајте да ги минимизирате нивните емоционални тешкотии со омаловажувачки фрази како „не е голема работа“. За децата, чувствата се многу реални.

Извор



912

X