Воспитување

Истражување открива за што најмногу се расправаат родителите и децата

Нова студија покажува дека девет од десет родители се расправаат со своите деца околу користењето технологија, а половина од нив велат дека темата се отвора барем еднаш неделно. Анкета спроведена на 2.000 родители во САД со деца на возраст од 8 до 17 години покажува дека 87 проценти од децата се расправале со своите родители за користење на технологијата барем еднаш. Добрата вест е дека повеќето од овие расправии не траат долго – 61 процент од децата велат дека расправиите обично траат само неколку минути.

За што најмногу се расправаат родителите и децата?

Најчестиот предизвикувач за конфликт е поминување премногу време пред екран (46 проценти), по што следува користењето на нивните телефони пред спиење (40 проценти). Други чести расправии се за играње видеоигри (28 проценти), користење уреди за време на оброци или семејни собири (28 проценти), гледање или консумирање несоодветна содржина (25 проценти), користење социјални медиуми (25 проценти).

Надвор од училиштето, 56 проценти од родителите веруваат дека нивното дете поминува премногу време онлајн, додека 46 проценти веруваат дека технологијата негативно влијае врз емоционалната благосостојба на нивните деца.

Децата ги разбираат грижите на родителите

Интересно е што доколку би биле во улога на родител, половина од децата велат дека би биле загрижени за сопствените онлајн активности. Дури 59 % од децата признале дека виделе онлајн содржини со екстремно насилство, сериозни повреди или смрт во изминатата година. Анкетата, спроведена од „Аура и Токер рисрч“, исто така покажала дека 86 % од родителите се согласуваат оти децата денес растат побрзо од претходните генерации. И покрај ова, 58 % од родителите се сметаат себеси за многу добро информирани за тоа што нивните деца прават онлајн, а речиси сите (97 %) веќе разговарале со своите деца за безбедноста на интернет.

Разговорот е поважен од забраните

-Децата се изложени на дигиталниот свет уште од многу рана возраст, а ова може да биде збунувачки период за родителите – истакнува д-р Скот Колинс, главен медицински директор на „Аура“.

Тој вели дека кога станува збор за безбедни онлајн навики, родителите треба да бидат проактивни. Разговорите за онлајн безбедноста треба да започнат рано, да бидат опуштени, без осудување и отворени. Важно е детето да знае дека секогаш може да дојде и да разговара за тоа што се случува онлајн, како и во реалниот живот. Денес, 87 % од родителите сметаат дека се доволно технолошки упатени за да разговараат со своите деца за онлајн ризиците и да управуваат со нивниот дигитален отпечаток.

Правила што родителите најчесто ги поставуваат

За огромното мнозинство родители (95 %), сè започнува со јасни правила за користење интернет дома. Најчестите правила се:

-сите дигитални плаќања мора да бидат одобрени од родителите (64 %)
-временски ограничувања за користење уреди (50 %)
-без уреди додека не се завршат домашните задачи и домашните работи (49 %)
-родителите мора да ги знаат сите лозинки (47 %).

Дополнителни правила се:

-забрана на социјалните медиуми до одредена возраст (43 %)
-забрана за користење уреди за време на семејни собири (39 %)
-исклучување на интернетот во одредени периоди од денот (19 %).

Доколку правилата се прекршени, родителите најчесто:

-ги одземаат уредите (66 %)
-го намалуваат времето поминато пред екран (42 %)
-разговараат со децата за да видат дали нешто ги мачи (34 %).

Како децата ги перципираат родителските правила?

Повеќето деца (71 %) веруваат дека нивните родители се свесни за безбедноста на интернет. Сепак, 25 % од децата мислат дека нивните родители се премногу строги, додека 4 % мислат дека се премногу попустливи. Речиси 38 % од децата велат дека остануваат без уред барем еднаш месечно поради расправии со своите родители, а тоа најчесто прави да се чувствуваат фрустрирани (56 %) и лути (50 %).

-Отстранувањето на уредот често е само привремено решение. Ако не ги научиме децата на саморегулација и одговорно однесување на интернет, тие ќе најдат начини да ги заобиколат правилата – предупредува д-р Колинс.

Тој додава дека е важно да им се помогне на децата да разберат што значи позитивно однесување на интернет и кога е време да го спуштат телефонот и да се поврзат со пријателите и семејството во живо – бидејќи овие навики се учат дома.

За што најчесто се расправаат родителите и децата?

Според родителите:

-технологија (мобилни телефони, игри, социјални мрежи) 28 %

-домашни работи 25 %

-училиште и оценки 21 %

-други теми 13 %

излегување и друштвени планови 12 %.

Според децата:

-технологија (мобилни телефони, игри, социјални мрежи) – 30 %
-домашни работи – 24 %
-училиште и оценки – 22 %
-излегување и друштвени планови – 12 %
-други теми – 12 %.

Извор

Поврзани написи

To top