Игротека

Истражување на 62 илјади деца покажало како влијае разводот врз најмладите

Разводот секогаш е емоционално тежок процес, а особено тешко влијае врз децата. Иако психолозите со години ја проучувале оваа тема, многу од досегашните истражувања биле контрадикторни или се занимавале исклучиво со постари деца. Сега, ново и опсежно истражување дава појасен увид во тоа како влијае разводот врз децата во најраната возраст.

За да ги пополнат празнините од претходните истражувања, научниците спровеле големо истражување чии резултати биле објавени во стручниот журнал „Би-ми-џеј педијатрикс опен“. Истражувањето било спроведено во Кина, а во него учествувале повеќе од 62.000 деца на возраст од три до пет години и нивните старатели.

Развојот на децата бил следен преку три главни показатели: вкупниот резултат на Индексот на човечки способности, резултати во девет поединечни области на развој, како што се говор, читање, упорност и социјални вештини, и процена дали детето е во согласност со развојните очекувања за неговата возраст.

Децата од разведени семејства покажуваат послаби резултати

Од вкупниот број деца во истражувањето, 2.409 потекнувале од семејства каде што родителите биле разведени, што претставува околу 3,8 отсто. Резултатите од анализата биле јасни: децата од разведени родители имале пониски вкупни резултати на тестовите за човечки способности. Покрај тоа, помала била веројатноста нивното ниво на развој да одговара на нивната возраст во споредба со децата чии родители останале заедно.

Подетална анализа покажала дека овие деца заостанувале во речиси сите набљудувани области. Најголемо влијание на разводот било забележано во социјалните и емоционалните вештини, физичкото здравје и вештината за читање.

Нешто помало, но сепак значајно влијание било забележано кај вербалната комуникација, упорноста и знаењето по математика. Најмал ефект бил забележан кај вештините за пишување и учење.

Истражувањето покажало дека малите деца чии родители се разведени, во просек, имаат побавен развој во психолошки, социјален и физички аспект во споредба со врсниците од семејства каде што родителите живеат заедно.

Овие резултати укажуваат на потребата од дополнителна поддршка за децата од разведени семејства. Клучно е да се вклучат родителите, поширокото семејство, експертите и здравствениот систем за да им се овозможат услови во кои тие деца ќе можат да растат, да се развиваат и да го достигнат својот полн потенцијал.

Извор

Поврзани написи

To top