Здравје

Чувањето внуци е добро за мозокот на бабите и дедовците

Милиони баби и дедовци помагаат во одгледувањето на своите внуци, а научниците откриле дека тоа може да им помогне да ги одржат своите ментални способности. Грижата за внуците може да го забави когнитивниот пад кај постарите возрасни лица, според ново истражување објавено од Американското психолошко здружение.

Главниот истражувач, Флавија Черечес од Холандија, и нејзините колеги анализирале податоци собрани во Обединетото Кралство од речиси 3.000 баби и дедовци. Тие откриле дека постарите возрасни лица кои се грижеле за внуците – што опфаќа преспивање, грижа за болни деца, време за играње, помош со домашните задачи, подготовка на оброци и превоз до и од училиште, како и активности по училиште – постигнале подобри резултати на тестовите за меморија и вербална флуентност за разлика од оние баби и дедовци што не учествувале во грижата за своите внуци.

Бабите кои се грижеле за внуците покажале помал когнитивен пад во текот на шестгодишниот период на студијата од жените на иста возраст кои не се грижеле за внуците.

Чувство за цел и општественa вклученост

Психологот Дејл Аткинс, автор на детската книга „Тиркизната пеперутка“, вели дека резултатите имаат смисла. Улогата на баба и дедо ги држи постарите лица социјално ангажирани, го поттикнува користењето на вештини за планирање и решавање проблеми и обезбедува можности за креативност и раскажување приказни.

-Се обидувате да разберете како детето размислува и го гледа светот низ своите очи. Гледањето на работите од друга перспектива е навистина важна когнитивна вештина. Ова се активности што многу луѓе ги прават сè помалку и помалку како што стареат – вели Аткинс.

Внуците, исто така, можат да помогнат во менталното здравје на постарите лица. Анкета од 2024 година од страна на Институтот за здравствена политика и иновации при Универзитетот во Мичиген покажала дека постарите лица со барем едно внуче имаат помала веројатност да се чувствуваат изолирани од оние што немаат внуци. Аткинс додава дека поминувањето време со внуче навистина помага во борбата против осаменоста бидејќи ви дава чувство на цел.

Трошоците за грижа за децата се во пораст

Сепак, улогата на бабите и дедовците доаѓа и со свои предизвици.

-Постои општо верување дека да се биде баба и дедо е најпрекрасната работа на светот. Кога тие очекувања не се совпаѓаат со секојдневната реалност, на бабите и дедовците може да им биде многу тешко да признаат дека понекогаш грижата за внуците им е премногу оптоварувачка – вели Диди Мур, основач на платформата за советување „Мор ден гренд“.

Некои стануваат премногу вклучени во животот на своите внуци, што може да доведе до проблеми со границите воспоставени од родителите на децата. Други може да чувствуваат дека премногу се потпираат на нив како на постојано ангажирана дадилка.

Трошоците за грижа за децата станаа недостапни за многу семејства. Неодамнешна студија на „Лендинг три“ открива дека на американските семејства ќе им треба годишен приход од повеќе од 400.000 долари за да си дозволат да се грижат за две деца. Затоа милиони родители се обраќаат кон своите пензионирани родители за помош.

Поставувањето граници е важно

Черечес, исто така, потенцира важна забелешка во својата студија.

-Обезбедувањето грижа на доброволна основа, во рамките на поддржувачка семејна средина, може да има различни ефекти врз бабите и дедовците отколку обезбедувањето грижа во постресна средина, каде што се чувствуваат потценети или чувствуваат дека грижата не е доброволна, туку наметната обврска – додава таа.

Мур, пак, ја нагласува важноста семејствата да водат отворени разговори за границите и очекувањата.

-Премногу семејства не водат такви разговори. Важно е родителите да влезат во разговорот со намера да ја слушнат и разберат перспективата на бабите и дедовците, наместо само да поставуваат правила и да очекуваат тие да се почитуваат без прашање – заклучува Мур.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top