Во продолжение ви ја пренесуваме приказната за мајка која има дете од аутистичниот спектар, а преку која се покажува дека неговите разлики не се нешто страшно, туку дека разбирањето од страна на околината е од големо значење за нив. Таа раскажала за инцидент кој се случил во воз и кој ѝ оставил силен впечаток – сето тоа благодарение на еден прекрасен полицаец.
Како што вели таа, попладнето го зела синот Ендру од училиште и како и секој ден, си заминале дома со воз. Момчето било навикнато на возењето кое трае од 45 минути до еден час, но таа секогаш е подготвена со сите реквизити што го задржуваат неговото внимание, бидејќи никогаш не се знае кога ќе се вознемири и ќе реши да стане.
„За оние што не знаат, децата со аутизам можат да имаат добри и лоши денови. Денеска беше еден од тие лоши денови. Најголемиот проблем на Ендру со неговото однесување, на кое работи преку учење различни техники за смирување, е тоа што понекогаш се вознемирува, но таа вознемиреност ескалира во целосен напад. Денес тој беше категоричен и сакаше да стане и да застане на средината на возот, па дури и да трча низ него. Се обидов да го натерам да седне, но тој не сакаше. Нашето убедување траеше цели 20 минути. Тогаш неговиот момчешки гнев се претвори во целосен напад или, како што јас го нарекувам, пат без враќање“, рекла мајката на Андреј.
Момчето почнало да се фрла на подот, да вреска. Во еден момент му паднал чевелот, а тој го подигнал и го фрлил среде возот. Мајката цело време била на подот со него и се обидувала да го смири и да го „довлечка“ до неа. Сепак, ситуацијата не се подобрила.
„Тогаш почна да ме удира, да се грчи, да ме влече за коса, а луѓето од целиот воз гледаа во нас. Сигурно мислеа дека сум лоша мајка која има лошо воспитано дете, иако всушност нема помош во такви ситуации. Некогаш неговите емоции стануваат премногу големи за тој да успее да се справи со нив, па дури и кога ќе забележи дека луѓето го гледаат, ја користи можноста да направи вистинско шоу. Им реков гласно на сите луѓе во целиот воз: Извинете, тој има аутизам. На тој начин само успеав да им ги насочам погледите на друга страна. Состојбата само се влошуваше, па одлучив да слеземе од возот. Потоа кога сакав да се качиме повторно во воз на следната станица, тој одбиваше и повторно се најдовме на подот“, објаснила мајката.
Момчето се тркалало во прашината, а мајка му лавовски се борела за да го смири. Сепак, како и да се обидувала да го смири, тој почнувал да ја удира. Драмата траела долго, најмалку 15 минути.
„Верувајте ми, ова не е моја прва претстава со него како самохрана мајка, но понекогаш и јас се распаѓам. Дојде до тој степен што седнав до него и почнав да плачам. Најмногу ме болеше тоа што сите гледаа во моето дете и нѐ осудуваа. Сепак, видов како некој ни приоѓа. Тоа беше полицаец. Штом се приближи до нас, Ендру стана и ме држеше за двете раце. Полицаецот ме праша дали ми треба помош и ми рече дека ќе нѐ одведе каде што ни треба. Согледа дека Ендру се вознемири кога ни пријде. Му ја објаснив ситуацијата и му кажав дека тоа не е нашата станица и дека имаме уште 30 минути пат. Полицаецот рече без двоумење: Добро, тогаш ќе ви се придружам во возот. Мислев дека ќе оди со нас само до влезот, но тој почна да разговара со Ендру и му ја покажа опремата што ја имаше. Му ја даде значката и го праша: Можеш ли и ти да бидеш полицаец и да ми помогнеш да работам во возот? Секако, Ендру се согласи. Полицаецот цело време беше со нас во возот, нѐ придружуваше до дома, а син ми мирно одеше до него држејќи го за рака“, раскажала мајката на момчето и додала:
„Овој човек навистина направи многу за нас. Повторно ми ја врати вербата во луѓето. Не можам доволно да му се заблагодарам за добрината со која му го разубави денот на мојот син, а веројатно и целата година”, заклучила мајката.