Неименувана млада жена на фејсбук-страницата „Луѓето од Њујорк“, со хаштаг „карантински приказни“, го опишала своето растење. Вели дека нејзината маќеа била толку добра и грижлива, што таа нема срце да ја нарекува „маќеа“, туку за неа тоа е единствената мајка што некогаш ја имала. Ова е нејзината исповед:
„Живеев со мојата биолошка мајка во Москва додека наполнив 9 години. Таа беше огорчена жена. Се сеќавам дека ја сакав и покрај темните моменти, но ме запоставуваше. Исто така, ме злоупотребуваше. Со текот на времето татко ми победи на суд и ме зеде да живеам со него. Тоа беше мојот прв лет со авион. Бев фасцинирана од сè. Кога дојдов во неговиот стан, имав сопствена соба. И имаше две мали пчелки на масата до креветот – мајка пчелка и бебе пчелка. Тоа беше подарок од сопругата на мојот татко, Елена, а јас уште ги имам и денес. Ја викав мама – бидејќи не го сакав зборот маќеа. Не беше доволен. Таа беше толку трпелива со мене, иако бев дете со проблеми. Бев тивка. Претежно чував сè во себе. И во текот на првата година ја гризнав толку многу пати, што таа мораше да носи блузи со долги ракави.
Но, мојата мајка никогаш не беше непријателски настроена, никогаш не беше насилна, не ме злоупотребуваше. Дури и кога ќе се налутеше, секогаш правеше да се чувствувам како да вредам. Таа беше тука при секое кршење на моето срце. Се појавуваше на сите големи моменти. Сè што добив од неа е љубов. Мајка ми не ми кажува многу за животот пред мене. Знам дека секогаш сакала да биде мајка, но се омажила за татко ми предоцна за да може да зачне. Но, кога и да прашам за тоа – таа не навлегува во детали. Само ќе ми каже дека јас сум единственото дете што ѝ е потребно“.