Игротека

Искуства на татковци од породување

Ќе го преживеам ли породувањето? Дали ќе се онесвестам кога ќе видам крв? Ќе можам ли да издржам и да ја гледам жена ми како се мачи – мнозинството мажи си ги поставуваат овие прашања пред породувањето на жената.
Точно е дека породувањето претставува прилично стресен чин, но присуството на партнерот им дава на жените сигурност и ги смирува. Затоа е препорачливо мажите да не ја исклучуваат можноста да присуствуваат на породувањето. Важно е однапред да се едуцираат и да одат на курс за бременост, така што ќе бидат подготвени за она што ги очекува во болницата. Никому не му е во интерес болничкиот персонал да има повеќе работа со таткото отколку со трудницата.

Ви пренесуваме искуства од неколку татковци:

Тони (40)
Не бев сигурен како ќе изгледа тоа, дали јас, кој се плашам од вадење крв, ќе се посрамотам таму. Но кога жената се пораѓа, најмалку што би можел да направам е да бидам покрај неа. Породувањето траеше девет часа, во еден момент морав да излезам, но не по своја волја, туку поради ненадејниот пад на притисокот на мојата сопруга и на детето. Сè на сè, непроценливо искуство. Особено кога сфативме дека целото породување го следат 30 студенти на медицина. Но на крај ми беше мило што бев таму.

Дарио (42)
Постојано бев со жена ми, мислам дека е многу важно да се задржи мирот и ѝ бев максимално посветен. Ја држев за рака, ја водев низ дишењето, танцував со неа… Подоцна ми рече дека се чувствувала како ние двајца да сме сами на светот. Во моментот кога отиде на столот за породување, ја држев за грбот. Бидејќи ѝ беше многу лошо, ми поврати на раката. Ја тешев и ја охрабрував. Кога се роди нашата ќерка, се расплакав од среќа. Тоа беше чиста љубов. Персоналот заборави на мене и останав со нив докрај.

Вјеко (38)
Во почетокот не бев воодушевен од идејата да присуствувам на породувањето. Одев со жена ми на сите можни прегледи во текот на бременоста. Но зборот „породување“ ми звучеше страшно. Ужасна ми беше помислата да ја гледам сопругата како страда, а и двајца пријатели ми раскажуваа за нивното лошо искуство. На крајот жена ми имаше компликации и мораа итно да ја породат, па заборавив на сè. Знаев дека местото ми е до неа. Породувањето беше со провокации и сè помина во најдобар ред. Добро се држев. А, чувството кога го видов нашето дете беше неверојатно.

Борис (35)
Не бев многу еуфоричен во врска со породувањето, но мојата сопруга ме молеше. Ѝ бев поддршка отстрана, но за среќа не ги видов сите детали. Сето тоа е многу стресно, тешко е да се види колку се мачи саканата. Потоа си реков „никогаш повторно“. Но, отидов и за второто дете. Се плашев многу за сопругата и за бебето. Но мило ми е што бев таму, мојата сопруга вели дека ја спасив.

Марин(37)
Присуствував и на двете породувања, подоцна им се нудев на сосетките и на пријателките да одам со нив ако нивните сопрузи не сакаат. За ништо на светот не би го пропуштил тоа. Раѓањето на првото дете беше прекрасно, сè беше природно, почувствував неверојатна љубов кон сопругата. Неколку години подоцна кога ја раѓаше нашата ќерка, бев исплашен. Сопругата беше целосно изгубена, многу крвавеше. Ќерката беше црна кога се роди, а јас бев избезумен. За среќа, сè беше во ред, но тогаш се чувствував немоќен.

 

Поврзани написи

To top