Воспитување

Искрено за мајчинството: Полесно ми е со 4 отколку со 1 дете

Истражувањата покажале дека најстресен број на деца за родителите е 3, но како мајка на 4 деца, моето искуство е различно. Немојте погрешно да ме сфатите – „преминот“ од 2 на 3 деца не беше прошетка низ парк. А доаѓањето на четвртото дете значи дека сум вклучена 24 часа дневно, буквално трчам низ домот за да задоволам нечија потреба. Сепак, сметам дека е најголем предизвик да се има едно дете.

Преминот од без деца до едно дете го стресе мојот свет повеќе од сознанието дека ќе го имам првиот син по 3 девојчиња. Да објаснам. Пред да станам мајка, мојот живот беше само мој. Тогаш ми се роди првата ќерка. Од тој ден натаму мојот живот ниту оддалеку не се однесуваше само на мене. Како и кај сите нови мајки, мојот ден почнуваше кога моето бебе сакаше, а не кога јас сакав да станам од кревет. Повеќе немав време да се нашминкам. Имав среќа да добијам шанса да се истуширам, а камоли да погледнам туторијал за нега на веѓи на „Јутјуб“. Излегувањата се претворија во вечери. Пиењето вино во бар со пријателите прерасна во голтање кафе во 5 часот наутро. Животот што го имав пред децата исчезна, а јас бев сосема неподготвена за таа реалност. Тешко се приспособив. Сакав да бидам мајка, но немав поим колку тоа ќе го промени мојот живот. Дека моите денови ќе поминуваат во решавање загатки и играјќи се во кујната.

Имаше моменти кога очајно ми недостигаа дружења и разговори со возрасни. Бев многу строга кон себе. Сакав да бидам најдобрата мајка и си направив голем притисок за сè да биде како што треба. На пример, се држев до строг распоред на спиење и веројатно никогаш не сум ја ставила ќерка ми на спиење по 19 часот. Потоа останав бремена со бебето број 2. Пријателите ме предупредија дека преминот од едно дете на второ може да биде тежок. Се подготвив за најлошото. Но, постоеше голема разлика во дочекот на нашата втора ќерка во однос на првата: веќе немав свој живот, така што моите очекувања дека ќе имам време за себе не беа големи. Поминаа 2 години откако лежев на софата уживајќи со шолја кафе, во мир. Со оглед на тоа дека веќе се навикнав на животот како мајка, работите овој пат беа полесни. Знаев што можам да очекувам од моето бебе и дека првата година нема многу да спијам. Освен тоа, успеав да ја отпуштам мојата смисла за перфекционизам бидејќи тоа веќе не беше реално. Да се зачуваат 2 мали деца здрави и сигурни, ми стана цел. Животот стана уште полесен кога моето бебе беше доволно големо да си игра со својата постара сестра.

Кога забременив со нашето трето дете, повремено седнував на каучот и го надгледував „играњето“. Родителите често велат дека кога децата ќе ве надминат во бројот, работите излегуваат од контрола. Дефинитивно сме ги имале тие моменти, но открив дека мојата способност да се насмеам во хаосот навистина се истенчи кога стигна нашата трета ќерка. Моите стандарди можеби беа пониски, но сакам да мислам дека токму тогаш се опуштив во мајчинството. Можев многу повеќе да ги ценам малите работи, како првата насмевка на моето бебе, наместо да бидам опседната со рутини пред спиење. Најмногу ми помогна перспективата дека сè е фаза. Не, моето бебе нема да се буди во 3 наутро секоја ноќ до крајот на животот. Да се има 3 деца значеше дека секогаш да имам мал помошник при рака.

Дури и малите деца може да помогнат на мали начини, како на пример додавање пелени на мама за бебето. Како што растат девојчињата, преземаат сè повеќе одговорности, правејќи го родителството полесно. Сите 3 девојчиња се доволно возрасни да ги наместат своите кревети и да си стават јадење за себе. Како што можете да замислите, со детето број 4 целосно го прифатив лудилото. Сега кога моите деца имаат 10, 8, 5 години и 7 месеци, прифаќам дека нашата куќа секогаш била бучна и малку неуредна.

И наместо да се обидувам да бидам најсовршената мајка на светот, уживам во секој момент. Нашето големо семејство е тим, а ние сме тука да се поддржуваме едни со други во секој момент.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top