Жената што седи пред мене ја знам со години. Дошла по којзнае кој пат на отворен час за родители. Ги учев нејзините 3 деца и поминавме многу работи заедно. За тоа време станавме добри пријателки. Таа е совесна мајка која ги сака своите деца со целото срце. Нашиот однос отсекогаш се засновал на искреност и јас секогаш се трудев искрено да ѝ кажувам за успесите на нејзините деца. Загрижено рече: „Оценките на Марија се добри, не сум загрижена околу оценките, ме загрижува тоа што ми се чини дека повеќе не сака да учи“.

Единствено што можев во тој момент да направам е со кимање со главата да ја потврдам нејзината грижа. Сосема е во право. Забележав дека Марија во последните 2 години не го сака учењето како претходно. Одговорот на прашањето „што тргнало лошо?“ ми беше на врвот од јазикот, но бев растргната помеѓу одговорноста да ѝ помогнам на Марија и фактот дека мајката на Марија не е подготвена да го слушне тоа што имам да ѝ го кажам.

Ја научивме да се плаши од неуспех. Тој страв е одговорен за рушење на нејзината љубов кон учењето

Вистината, за мајката на Марија, а и за многу други родители, е дека нејзиното дете ја жртвувало природната љубопитност и љубов кон учењето заради петките, медалите и успехот. Ние сме виновни. Ние – нејзините родители, учители и општеството генерално. Ние направивме злосторство против знаењето. Од првиот ден на училиште ја насочивме кон олтарот на успехот и ја трениравме да го мери својот напредок со оценки, поени и награди. Ја научивме дека нејзиниот потенцијал е поврзан со нејзината интелигенција, а нејзината интелигенција е далеку поважна од нејзината личност. Ја научивме дома со гордост да носи петки, трофеи, медали и стипендии, а дека не нè интересира колку напорно работела за сето тоа да го постигне. Ја научивме да ги штити образовните достигнувања до таа мера за да се откаже штом ќе забележи дека предизвиците стануваат потешки и се закануваат да ѝ го загрозат дотогашниот успех. Најлошо од сè, ја научивме да се плаши од неуспех. Тој страв е одговорен за рушење на нејзината љубов кон учењето.

Мајката на Марија изгледа загрижено, го држи пенкалото в рака, подготвена да го запише мојот совет. Се обидувам да најдам најдобар можен начин да ѝ објаснам дека секојдневното критикување и истакнување на важноста на добрите оценки и добри резултати не само што ја туркаат Марија уште повеќе да се потпира на мајка си и нејзините способности за решавање проблеми, туку и ја учи дека постигнувањата се далеку поважни од трудот што го вложува во нејзиното образование. Марија е толку зафатена со желбата да ги задоволи родителите, што нејзината некогашна љубов кон учењето се претворила во желба за признание.

Желбата на нејзината мајка – Марија да биде добар ученик – доаѓа од љубовта. Во тоа нема сомнеж. Таа го сака најдоброто за своите деца, но начинот на кој тоа се обидува да им го наметне се заканува да стане камен за сопнување до вистинскиот успех.

Марија е многу паметно девојче, има високо зацртани цели и од себе очекува совршенство. Мајка ѝ секојдневно ја потсетува на тоа. Всушност, она што кај Марија не се цени е трудот што го вложува во тешки математички проблеми или научни истражувања. Таа не знае дека не е важно ако го погреши одговорот, сè додека патот на решавање на задачата не ја научи на нешто. Колку и да ѝ изгледа тоа лудо, таа учи токму во тие тешки моменти. Учи како покреативно да пристапи кон решавањето задачи. Учи самоконтрола и истрајност. Меѓутоа, таа е преплашена од неуспехот и затоа престанала да ужива во интелектуалните предизвици и ризици.

Дали сакаме деца што добиваат петки, но го мразат учењето?

Сега веќе има проблем да направи груба рамка на можни решенија за некоја задача или да даде хипотеза за некое истражување, не сака да зборува наглас пред сите во одделението. Таа знае дека ако проба нешто ново и не успее, тој неуспех ќе биде доказ дека не е паметна. Најбезбедно за неа е да биде на сигурно и да не се јавува, ниту да се обидува. Дали тоа го сакаме? Дали сакаме деца што добиваат петки, но го мразат учењето? Деца што се гордеат со образовниот успех, но се плашат од ризици?

Мајката на Марија беше многу успешна во училиште, успешна е и во работата и знае што значи тешка работа. Нејзината мајка дозволувала неуспех и да си игра и учи заради самото учење. Сега кога таа е родител, ја изгубила од вид вредноста на борбата. Премногу е загрижена за училишниот успех на Марија за да ѝ дозволи низ борбата и предизвиците да учи. Сака Марија да има сè, но заборава дека и нејзините најубави детски искуства доаѓаат токму од безбројните обиди, грешки и успех, на крајот на краиштата.

Ја познавам жената што седи пред мене бидејќи е иста како мене. Тешко ми е да ѝ ја кажам вистината бидејќи, од една страна, се плашам да не се налути, а од друга, бидејќи така ги признавам и сопствените родителски грешки. Можеби е крајно време да ѝ ја кажам вистината, за со заеднички сили да можеме да се поправиме и да им помогнеме на децата повторно да ги откријат храброста, ентузијазмот околу учењето и отпорноста на сето она што ги чека во растењето. Со малку среќа, ќе гледаат со насмевка на лицето кон своето детство и ќе ни бидат благодарни – не само за безусловната љубов, туку и за нашата волја и желба да вложиме во работи кои ќе имаат долгорочен ефект врз нивниот развој и емотивната состојба, пред краткорочната среќа што ја носат оценките. Ќе ни бидат благодарни за нашата волја да ги пуштиме нивните животи да бидат само малку тешки денес, за да знаат да се носат со предизвиците што животот ќе им ги донесе утре.

Длабоко воздивнувам и ѝ кажувам како стојат работите.

Извор



912

X