Полуматурантката Ирина Јованоска од Прилеп е наш државен првак во стрелаштво во дисциплината 10 метри – воздушна пушка, во последните четири години
Кога имала само две години, наместо кукла, побарала да ѝ купат пиштол со дијаболи. Потоа и пушка. Ова се играчките од нејзиното детство, за кои родителите мислеле дека се само минлива работа. Но, пушката од играчка брзо ѝ станала вистинска страст, па сега ѝ е најверна другарка во освојувањето медали и признанија во стрелаштво.
Полуматурантката Ирина Јованоска од Прилеп е наш државен првак во стрелаштво во дисциплината 10 метри –воздушна пушка во последните четири години. На последното државно првенство во нејзината категорија-пионери го собори и личниот рекорд. Од септември ќе настапува во категоријата младинци.
Логично е четиринаесетгодишната Ирина како државен првак досега да учествувала на меѓународни натпревари и да ја претставувала Македонија. Но, за жал, овој предизвик за неа сѐ уште е сон бидејќи нема соодветна пушка.
Нејзината мајка Јасмина ни објасни дека две години барале спонзорства и се обраќале до локалните власти за помош, но безуспешно. Затоа Ирина решила целата заштеда од стипендијата што ја добива од Агенцијата за млади и спорт да ја потроши на овој сон.
– И таа заштеда секако не е доволна, па и ние ќе додадеме пари. Жал ми е што ќе ја троши нејзината заштеда, но тоа е реалноста. Пушката што ѝ е потребна има соодветни стандарди за меѓународни натпревари, кои мора да ги задоволува, а клубот каде што тренира не е во можност да ја набави. Чини 2.700 евра. Пушката со која сега пука е на клубот и не задоволува стандарди за меѓународни натпревари – објаснува Јасмина.
Посветена и на спортот и на училиштето
Кога Ирина имала две години, мајка ѝ ја однела во продавница за играчки и таа избрала пиштол со дијаболи.
– Ме изненади со одлуката и продолжи да бара да ѝ купуваме пушки и пиштоли. Кога имаше шест години, ја прашавме со каков спорт сака да се занимава, а таа ни рече: „Само ако има пукање“. Ѝ кажав дека има спорт што се вика стрелаштво и така тргнавме да бараме каде да тренира. Оттогаш е дел од клубот во Прилеп, каде што членува веќе седум години. Првата година не можеше да ја држи пушката в раце, па пукаше седната – раскажува Јасмина.
– Искрено, и јас не знам што ме привлече кон стрелаштвото. Едноставно го сакам – вели Ирина.
На првите дебитантски натпревари веднаш покажала резултати, а од 10-годишна возраст почнала да добива награди на училишните натпревари и, секако, на државнитe првенства.
– И еве од 10 години постојано е на врвот – гордо вели мајка ѝ.
Таа во моментов има освоено четири државни првенства и четири училишни. Од септември ќе биде средношколка, а се запишала во средното „Ѓорче Петров“ во Прилеп, на насоката фармација. Јасмина потенцира дека Ирина е одлична ученичка и дека воопшто не попуштила на училиште поради спортот. Има по три тренинзи неделно од по два часа и дополнително работи на тренинзи со пливање и во фитнес-сала.
– Условите во кои тренира стрелаштво не се добри. Пред натпревари има секојдневни тренинзи. Редовно си учи, посветена е еднакво и на спортот и на училиштето. Се откажува од многу лични задоволства што треба да ги има во овој дел од младоста, но верувам дека ќе ѝ се исплати еден ден – вели мајка ѝ.
Ирина додава дека со добра организација за сѐ има време.
– Учам, тренирам, но и се дружам со пријателите – вели таа.
Годинава го собори личниот рекорд, најдобра е и во машка и во женска конкуренција
Најважното во овој спорт е концентрацијата, вели државната првенка.
– Ако немаш концентрација, џабе е сѐ друго. Но и физичката активност е многу важна. Во лето пливам за да може да го зголемам капацитетот на белите дробови затоа што дишењето е важно, а во зима вежбам во фитнес-сала каде што правам кардио-вежби. Многу е важен и видот. Кога пукам, размислувам дека треба сѐ да направам како што треба и дали нешто правам погрешно. Се преиспитувам за да нема лош погодок – вели Ирина.
Најдрага награда ѝ е последната затоа што го срушила личниот рекорд од 180 круга. Се работи за последниот државен натпревар во Скопје.
– Погодив 180 круга од 200. Инаку, во мојата категорија државниот рекорд е 184 круга. Пукам со 20 дијаболи затоа што сум пионер. Од септември преминувам во младинци и ќе пукам со 40 и 60 дијаболи. Најуспешна сум со овој резултат и во машка и во женска категорија пионери – вели Ирина.
Нејзина најголема желба е да се натпреварува надвор од Македонија.
– Инвестирав со мојата заштеда од стипендијата, која ја добивам од лани, во горен дел од опремата, но допрва треба да се купи пушката и, секако, панталони и чевли кои ги нарачуваме од Србија и од Германија – завршува нашата надежна спортска ѕвезда, за која се надеваме дека брзо ќе го оствари својот сон.
912