Резултатот од анализата на ризик што се прави покажува дека треба да се провери или да се испита секоја втора играчка увезена од Кина и од Тајван, а секоја петта од земјите на ЕУ. Тоа не значи дека се небезбедни, но треба да се проверат

Државниот санитарен и здравствен инспекторат прави вонредни и засилени контроли на играчки на македонскиот пазар. Со инспекциите, како што објаснува директорката д-р Ирина Бухова, се проверува колку играчките се безбедни за децата. Досега се најдени неколку играчки кои со првичната лабораториска анализа се покажале небезбедни, но сè уште трае постапката за докажување на тоа дали децата може да ги користат.

Неисправни играчки повлечени од пазарот, објавени на веб-страницата на ДСЗИ

Анализата на ризик укажува дека се потребни многу повеќе испитувања од овие што сега се прават, меѓутоа, тие зависат од финансиската состојба на инспекторатот.
– Ние немаме многу инспектори, само 27, но се трудиме да работиме со полна пареа. Како ги организираме контролите? Одбираме ден и сите инспектори одат во еден град и земаат играчки за испитување. Последнава година испитувањата се прават исклучиво во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) зашто има најмногу акредитирани методи. Вообичаена практика е да се земат три играчки. Едната се праќа веднаш во ИЈЗ на испитување. Ако се покаже дека е небезбедна, увозникот има право да побара контрола на втората и да избере лабораторија. Ако добиеме различен резултат, се прави суперконтрола – вели Бухова.
Проблем е што во земјава нема доволно акредитирани лаборатории кои може да ги испитуваат играчките. Како важечки се сметаат и резултати од неакредитирани, тоа не значи дека не се точни. Но, важно е да е акредитирана методата на испитување зашто ако се повлекуваат одредени играчки од пазарот, случајот може да заврши на суд.
– Институтот за акредитација ни даде листа со лаборатории со кои соработува во странство. Ќе воспоставиме контакт со такви со кои тој соработува, а ги признава судот. Ние немаме многу голем успех во однос на откривање небезбедни играчки, но за тоа има причина. Кога се увезува, на пример, цел шлепер, се води како еден увоз, а внатре може да има 100 различни играчки. Па кога на увоз не можеме сè да прегледаме, правиме вакви вонредни контроли – вели Бухова.
Македонија не е врзана со алерт-систем по кој ќе добива информации кои играчки каде се повлечени за веднаш да реагира и тука. Поврзувањето, според нашата соговорничка, е предвидено во акционен план.

Ирина Бухова

– Резултатот од анализата на ризик што се прави укажува дека треба да се провери или да се испита секоја втора играчка увезена од Кина и од Тајван, а секоја петта од земјите на ЕУ. Тоа не значи дека ќе бидат небезбедни, но треба да се проверат. Кај нас се испитува далеку помалку. Прво поради техничката недостапност, а второ затоа што ако играчката е безбедна, испитувањето го плаќа ДСЗИ, кој има мал буџет. Но и покрај сè, ги интензивираме контролите – вели Бухова.
Таа објаснува дека во Хрватска 20 проценти од увезените играчки се небезбедни. Небезбедноста може да е на повеќе нивоа. Може да се лесно кршливи, да се погрешно обележани за тоа од која возраст може да се користат, да излегуваат влакна или делови од играчките што детето може да ги голтне, да се направени од материјал опасен за детето…
Бухова советува родителите да ја следат страницата на инспекторатот, на која се објавува кои играчки е докажано дека се небезбедни (www.dszi.gov.mk).



912

X