Воспитување

Интернетот им го краде детството на децата

Употребата на интернетот, компјутерите, таблетите и мобилните телефони е во ерата на развојот на технологијата, па тоа е сосема нормална работа во животот на секој тинејџер. Речиси и да не постои дете што нема таблет или мобилен, а ако постои, често се чувствува изоставено од општеството.

Зависност од интернет

Често во практика се среќаваат многубројни примери на тинејџери кои со текот на времето станале зависни од интернет. Некои влегуваат во тој маѓепсан круг бегајќи од реалноста, а некои од досада. Кои и да се причините, последиците се слични во повеќето случаи – од здравствени до психо-социјални. Можеби една од најголемите последици е одземањето на детството, пропуштањето на сето она убаво што детството го носи и што се помни цел живот.

Живот во виртуелниот свет

Едно момче така ги поминувало ноќите играјќи игри на интернет. За тоа време попуштило со успехот на училиште, имало несоница, пад на концентрацијата, но над сѐ, со месеци немало контакт со ниту еден од своите врсници, не излегло надвор, не уживало да комуницира. Едноставно, тоа не го интересирало, а вирутелниот свет му бил многу поинтересен. Реалниот свет му станал многу здодевен, комуникацијата со другите многу напорна и исцрпувачка. Многу е полесно да се остане во соба и да се кликне на копче од компјутерот отколку да се јавите некому на телефон, да се подготвите за излегување, да комуницирате и да се дружите.

Во што е проблемот?

Ако го прашате како му е, тој не гледа никаков проблем во тоа, ништо не му недостига, така му е полесно и мисли дека му е поубаво. Ако прашате некој од неговата околина како гледа на тоа, повеќето би рекле дека е многу тажен, повлечен, осамен, несигурен…Перцепцијата се разликува во зависност од тоа од кој агол го набљудуваме животот. Но, факт е дека сите ние сме социјални суштества и дека ни требаат други луѓе, дружење и забава. Самото отсуство на потребата за каква било интеракција со луѓето покажува дека тука нешто не е во ред.

Да, можно е да се најде мерата

Интернет, телефонот, таблет – секако се многу корисни уреди кои го унапредија нашиот живот. Многу нови професии се создадоа во последните дваесетина години благодарение на интернетот и секако е добро децата да ја познаваат работата на компјутерите и да ги учат основите на програмирањето. Но, тоа не значи дека треба да престанат да се дружат и социјализираат, да излегуваат надвор и да се занимаваат со спорт, да играат друштвени игри и сите оние убави игри што го поттикнуваат развојот. Многумина се прашуваат дали е можно да се вклопат неконтролираното користење на интернетот и социјализацијата. Во повеќето случаи, родителите повеќе се плашат дека е невозможно отколку децата. Кога родителите на почетокот ќе им помогнат на децата да направат граници, подоцна и тие самите може да си постават граници.

Автор: Љубица Богетиќ, психотерапевт

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top