Интерактивните психолошки прирачници за деца и возрасни претставуваат комбинација од психолошки приказни со психоедукативен карактер за родителите и возрасните, а содржат родителски вештини, но и психолошка советодавна интервенција кај дете кое се соочува со дадена ситуација преку процесот на рефлексија на емоцијата и однесувањето, при што се постигнува ефект на огледало и увид во себе, како и понудени вештини за детето во справување со емоцијата со која се соочило. Кога детето ја чита приказната и воедно се пронаоѓа во неа, има чувство на разбраност и психолошка поддршка која всушност му ја нуди самата приказна.
Автор на 4 нови прирачници е Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти.
По секоја приказна во нив следуваат низа вежби, задачи и игри поврзани со емоцијата кои го поттикнуваат детето на активност и ги јакнат неговите капацитети за себегрижа, себеразбирање и себељубов. Во прирачниците постојат и вежби кои имаат намена да ја зацврстат сликата за себе кај детето и да предизвикаат подобра автоперцепција.
Кога работев на овие книги, всушност се водев по причините за кои може да се јави одредена емоција кај дете кои ги преточував во ситуациони фактори персонифицирани преку животни кои ја симболизираат самата емоција.
„Кога Мешко се лути“ е интерактивен психолошки прирачник кој ја обработува емоцијата ЛУТИНА и му ја доближува на детето преку симболика со цел детето да ја препознава и именува кај себе и кај другите, но и да ја претвори во нешто посакувано и добро. Лутината ја обработувам преку ситуациони фактори како извор за емоцијата, на пример: вербално насилство; фрустрација; чувство на неприфаќање во група врсници; родителски барања и очекувања во врска со училиштен успех; нов член во семејството; зависност од екран.

„Кога Ушко се плаши“ е интерактивен психолошки прирачник кој ја обработува емоцијата СТРАВ и му ја доближува на детето преку симболика со цел детето да ја препознава и именува кај себе и кај другите. Стравот го обработувам преку неколку најчести причини за страв кај деца, а кои имаат психолошка важност како: страв од неприфаќање и нови нешта; страв од чудовишта; страв од авторитети; страв од неуспех; врсничко насилство или булинг.

„Кога Летко е тажен“ е третиот интерактивен психолошки прирачник кој ја обработува емоцијата ТАГА и е дел од едицијата „Железница на чувствата“. Тагата ја преточив преку ситуациони фактори како извор за емоцијата, на пример: физичка болка или хоспитализација; осаменост; физичка сепарација со родител, загуба на блиска личност и отсуство на чувство на слобода кое детето го детектира како досада.

„Кога Сонча е среќна“ е последниот интерактивен психолошки прирачник од оваа едиција кој ја обработува емоцијата СРЕЌА. Тој има цел преку приказните да го научи детето дека емоцијата среќа е насекаде, односно дека врз неа можеме да имаме контрола како и врз другите емоции, среќата е во малите нешта, среќата е меморизирана во нашите сетила, среќата е во психолошката слобода, среќата е во мечтаењето, среќата е во учењето нови нешта и откривање нови места, среќата е во родендените и благодарноста кон животот. Моја цел е да ги научам децата да не ја исчекуваат и поврзуваат само со одредени настани, тука едноставно само да ја видат.

Воспитувањето на емоциите е еднакво важно како и воспитувањето на однесувањето кај детето. Потребни ни се деца со регулирана емоционална состојба кои ќе пораснат во емоционално писмени возрасни и ќе имаат квалитетен однос кон себе и кон другите. Овие прирачници го нудат токму тоа – стимулирање на емоционалната интелигенција на децата и усвојување емоционални вештини за подобро ментално здравје.