Во денешниот свет, кога родителите сакаат да им обезбедат на своите деца најдобри почетни позиции во животот, се појавува сѐ поизразен тренд – интензивно родителство. Тоа е родителски стил кој вклучува постојан надзор на животот на детето со цел да се избегнат неуспеси и да се обезбедат сите можности за успех. Моделите на интензивно родителство може да започнат уште во моментот кога нема да му дозволите на вашето дете да падне додека учи да оди, фаќајќи го секој пат – дури и кога нема ризик од повреда.

Додека некои родители сметаат дека нивна работа е да ја вложат целата своја енергија во своите деца, други се прашуваат дали можеби е време да им дадат малку повеќе слобода и простор за истражување. Една мајка искрено признава во видео на „Тик-ток“:

-Сега сме во ситуација кога треба да одлучиме дали ќе продолжиме да ги вложуваме сите наши ресурси во нашите деца за да им помогнеме да станат подобри луѓе или е време да се забави малку.

„Хеликоптер-родителите“ – им помагаат на децата во задачите што се способни да ги извршуваат сами

Интензивното родителство во популарната култура е познато и како „хеликоптер-родителство“, каде што родителите постојано лебдат над своите деца, подготвени да интервенираат во секој момент.

-Таквите родители обично се премногу заштитнички настроени и премногу загрижени за своите деца. Тие често го контролираат секој детаљ од распоредот на нивните деца и постојано се вмешуваат, за да им ги олеснат работите – објаснува клиничкиот психолог Мишел М. Рејнолдс.

Примерите за такво родителство се најразлични, а некои од најчестите се:

Преоптоварување на децата со различни активности: Запишување на децата на спортски, уметнички и едукативни програми, често на сметка на слободното време и дружење со врсниците.

Постојана споредба со другите деца: Родителите често ги споредуваат своите деца со други деца, што може да доведе до чувство на несоодветност и стрес кај децата.

Преголема заштита: Родителите често се плашат дека нивните деца ќе се повредат или ќе доживеат непријатно искуство, па ги заштитуваат премногу, што може да ја ограничи нивната независност.

Постојана достапност на родителите: Денес, родителите често им се достапни на своите деца 24 часа на ден, што може да доведе до губење на границите и отежнување на детето да развие сопствена автономија.

@unsolicitedsarcasm Apparently, raising good humans is a health crisis for parents. Go figure. #parenting #parentingstyle #parentingtips #millenialmom #stressedmom #gentleparenting #momlife ♬ original sound – Stefany ✨ NY | NJ

Влијанието од постојаното мешање на родителите врз децата

Студија објавена во списанието „Развојна психологија“ открива дека прекумерното контролирачко родителство може негативно да влијае врз способноста на детето да управува со емоциите и однесувањето.

-Нашето истражување покажува дека децата со „хеликоптер-родители“ имаат тешкотии да се справат со предизвиците на растењето, особено во сложената училишна средина. Децата што не можат ефикасно да ги регулираат своите емоции и однесување имаат поголема веројатност да имаат испади во училницата, да имаат тешкотии да се дружат и да се борат со училишните задачи – вели водечкиот автор на студијата, Никол Б. Пери.

Важно е родителите да ги поддржуваат децата во текот на образованието, но и да им овозможат на децата да истражуваат и да учат од сопствените грешки – се наведува во заклучокот од истражувањето.

Оставете ја контролата настрана

Независноста не се раѓа – се учи. Најдобар начин детето да научи да биде независно е да му дадете можност да стане независно. Кога постојано решавате проблеми за вашето дете, му ја скратувате можноста да развие вештини што ќе му бидат потребни во текот на животот. На децата што се навикнати да им се „сервира сè“ подоцна ќе им биде тешко да се справат со предизвиците на зрелоста. Можеме да кажеме дека интензивното родителство е на некој начин форма на занемарување на потенцијалот на детето – му ја лишувате можноста да го постигне. Дозволете им на децата да донесуваат одлуки и да се соочат со последиците од нивниот избор. На тој начин тие развиваат одговорност и независност. Ослободете се од контролата.

Автор: Теа Басиќ

Извор



912

X