Воспитување

Институцијата наречена „вујко“

Кога се роди брат ми, немав ни 5 години. Пред да дојде во нашиот живот, јас нашироко најавував дека мојата мајка ќе ми роди сестра. Дури и пред да остане бремена.

Уште пред да остане трудна, многумина ѝ честитаа за идната принова, а мајка ми со румени образи им одговараше дека нејзината ќерка, од силна желба да добие сестра, си дозволува мечтата да ја замени со реалност. Но, не застанував само со објави за фантомската бременост, туку почнав и со закани.

– Ќе ви ја искинам целата облека ако не ми родите сестра! – се сеќавам на ова како да беше вчера.

Закани изречени преку стариот црн телефон, кој денес може да се најде само во некои музеи. Облеката беше поштедена, но затоа мебелот страдаше. Го сечев со ножици материјалот на каучот. Кога си го враќам филмот наназад, воопшто не сум била дете со кое лесно можеш да се справиш. Сега, моите деца се прекрасни. Сè уште никој не ги фатил ножиците, а се надевам дека и така ќе остане.

И одеднаш моите желби се остварија и мајка ми конечно беше бремена. Таа зима ја паметам како најубав период од моето детство. Се дружев со мојата мајка, трчав по снегулките, заедно седевме покрај шпоретот во дневната и пиевме кафе и какао.

Април само што влезе во нашиот секојдневен живот. Дојде време мајка ми да оди во болница за да се породи. Го паметам тој ден, и мајка ми како ми мавта од прозорецот. Паметам како се криев зад вратата и не сакав да излезам. Сега знам дека се плашела и дека душата ѝ се делела на половина бидејќи ме оставила расплакана. Иако наскоро пак ќе ме види. Исто така тагуваше и мојата душа кога одев во породилното одделение да го донесам на свет мојот син, а ја оставив ќерка ми, од која претходно не се одвојував.

– Ти се роди братче! – ми рече некој.
– Но јас сакав сестра! Што е сега ова?! Не сакам брат! Сакам сестра! – се бунтував, разочарана.

Сите мои соништа дека ќе имам со кого да играм со куклите паднаа во вода како тежок камен.

Еден ден отидовме на посета кај мајка ми и брат ми. Му пријдов внимателно, хипнотизирана од малото дете со руса коса.

– Дојди, среќо, мама да те изгушка – ми рече мајка ми желна да ме стисне во прегратка.
А јас. Ништо не зборувам. Само гледам во него. Во тој долгнавест леб кој ми ги уништи сите планови. Иако изгледаше безопасно, барем  некое време. Знаејќи дека се надевав дека ќе добијам сестра, мајка ми со насмевка ме праша:
– Што е, не ти се допаѓа? Сакаш да го вратиме?
– Не! – одлучив. И понатаму неутешна затоа што не ја добив сестрата што ја нарачав.

Денес, по 32 години, тоа слатко, русо момче е најдобриот вујко на светот. Најлудиот вујко. Вујко чие срце е поголемо од планини за своите внуци. Кога вујко им ќе влезе во просторијата, лесно може да се помисли дека почнала некаква инвазија на куќата. Врескање, возбуда која може само да се спореди со некои филмски сцени. Не му е проблем да биде сè што тие ќе посакаат. Тој е хит. Најдобриот вујко на светот! Понекогаш ми кажуваат дека сакаат да се преселат кај него. Јас не сум ни половина забавна од него. Не се ни обидувам да станам. Треба да се родиш таков.
Среќна сум што мојот брат е дел од детството на моите деца. Им го направи животот многу повозбудлив и побогат отколку што се осмелив да замислам.

Онаа игра со куклите што никогаш не се случи, му ја простив.

Автор: Татјана Кулјача

 

Поврзани написи

To top