Како на најбезболен начин, без траума, носење и без чекање во чекалниците да му се помогне на детето во домашни услови? Многу родители спасот го наоѓаат во инхалаторна апликација на терапија, но дилемата е кога децата имаат потреба од неа. За инхалациите и инхалаторната терапија, објаснува пулмоалергологот прим. д-р Благица Манчева

Со студениот период почнува и голготата кај родителите со деца што имаат повторливи респираторни инфекти кои се манифестираат со кашлица и отежнато дишење. Ова е група на деца од помалата возраст кои посетуваат детски колективи, одат во училиште или се со алергиски болести (оваа група се разликува од другите по брзата прогресија, влошувањето на симптомите, па за неколку часа откако почнало да му тече носето на детето се манифестира кашлицата и свиреж во градите со знаци за отежнато дишење).

Кај најмалата возрасна група на деца (под 3-годишна возраст) поради одредени анатомско-морфолошки карактеристики на нивните дишни патишта, кои се мали, тесни со намалена отпорност на локално ниво и при мала количина на секрет создадена од вирус и тригерирана воспалителна реакција, може да дојде до сериозни проблеми во внесот на воздух во дишните патишта или отежнато негово издишување.

Како на најбезболен начин, без траума, носење и без чекање во чекалниците да му се помогне на детето во домашни услови?
Многу родители спасот го наоѓаат во инхалаторна апликација на терапија, но дилемата е кога децата имаат потреба од неа.

За инхалаторна терапија во домашни услови се користи инхалатор. Тој, препишаните од лекар лекови во течен облик и раствори ги трансформира во аеросолна пареа и така се олеснува нивното вдишување преку устата или носот. Така се справувате со проблемите со дишење на детето и на секој член од семејството побрзо и поефикасно, зашто лекот се внесува длабоко во белите дробови и има поголема ефикасност во лекувањето.

Во кои состојби детето има потреба од инхалаторна терапија?

Бронхиолитот е состојба кога најмалите дишни патишта се исполнети со секрет и е оневозможена размената на кислород низ мембраната, дава драматична клиничка слика особено кај најмалите доенчиња и во голем број случаи оваа состојба се лекува во хоспитални услови под буден 24-часовен мониторинг на состојбата.

Повторливите епизоди на свиркави бронхити се честа состојба во првите 3 години, особено во групата на деца што посетуваат градинка и се изложени на различни вируси. Дури 30% од сите деца во првите години од животот ги имаат овие епизоди, кои најчесто поминуваат, ќе престанат со тие повторливи свиркави епизоди, но во оваа група на деца се кријат и децата со ран почеток на астма.

 



Астмата е хронична состојба која може клинички да се презентира уште во текот на првата година од животот, но нејзиното рано препознавање и правилна употреба на лекарствата препорачани од лекар супспецијалист ќе му овозможи на секое дете да расте како сите негови врсници без ограничувања во дневните активности, игри, занимавање со спорт.

Ларингит е состојба каде што е силно назначен отокот на гласниците и постои отежнат внес на воздух кон подолните дишни патишта, присутна е кашлица со карактеристичен призвук како кучешки лаеж. Клиничката слика може да е во широк дијапазон од лесна каде што е присутна само кашлицата со карактеристичен призвук до крајно сериозна состојба каде што поради назначениот оток на гласниците е отежнат внесот на воздух кон подолните дишни патишта, а детето има чувство на задушување, глад за воздух, се бори за воздух и оваа е една од ургентните состојби кога родителите треба да побараат лекарска помош.

Акутни состојби на бронхитис со бронхоспазам се исто така состојби каде што се советува инхалаторна апликација на лековите поради нивно подобро и побрзо дејствување на намалување на бронхоспазмот присутен во рамките на инфектот.

Прим. д-р Благица Манчева, пулмоалерголог

Кои видови лекови се инхалираат?

Најчесто се применува инхалација со солен раствор или стручно 0,9% натриум хлорид – изотоничен раствор. Со овој тип инхалации ја навлажнувате лигавицата на дишните патишта и го разводенувате секретот за болниот полесно да го искашла.
Овој секретолитичен ефект е поизразен со примена на хипертонични солени раствори, но тие се користат по строга препорака од лекар. Нивната, некритичната употреба може да доведе до несакани ефекти, како крвавење од лигавицата на бронхиите. Не се препорачува користење на хипотоничен раствор/како дестилирана вода/кој може да ја влоши состојбата.

Бронходилататорите се лекови кои дејствуваат на спазмот на бронхиите и дејствуваат со ширење на дишните патишта, но и со потенцирање на треперењето на ресичките од респираторниот епител. Така тие го носат секретот кон погорните дишни патишта, односно дејствуваат да се изнесе од подолните дишни патишта кон надвор (замислете си го елеваторот во трговските центри).
Овие лекови ги има во неколку облици (раствори за инхалации, прашести облици, сируп), но нивното дејство е многу побрзо и поделотворно со инхалаторен начин на апликација, во облик на раствори за инхалација. Со многу помали дози од лекот аплициран со инхалатор се добива бронходилататорниот ефект, а несаканите ефекти, како треперење на рацете, вознемиреност или забрзано чукање на срцето, се избегнуваат.

Дозирањето и честотата на апликација на ваков тип лекови би требало да бидат исклучиво во договор со лекарот на вашето дете и според возраста на детето, неговата телесна тежина, но и тежината на спазмот кој е присутен. Доколку по неколкудневна употреба на ваков тип лекови нема значајно подобрување, задолжително јавете се повторно кај лекарот за барање на причината на кашлицата.

Секретолитиците, исто така, можат да се аплицираат во облик на инхалации, но само кај одредени возрасни групи и во одредени состојби кога секретот кај вашето дете е густ, жилав, за да му се помогне полесно да го искашла. Родителите треба да бидат подготвени дека кашлицата може да се потенцира поради зголемувањето на количината на секретот во дишните патишта, за ова да не го доживеат како влошување на состојбата.

Немојте да ги инхалирате вашите деца со етеричните масла од типот на евкалиптус. Нема никаков ефект ваквиот начин на апликација, но и распрснувачот се оштетува – не е наменет за ваков тип раствор. Потсетете се на традиционалниот тип на инхалација над сад со топла пареа во која е разредено етеричното масло.

Кортико-препаратите аплицирани инхалаторно се моќни лекови со антивоспалителен ефект кои брзо и ефикасно го смируваат воспалението. Се користат во состојби како ларингити, бронхиолити и при астма. Со ваквиот тип на апликација на лековите намалена е потребата од системските кортико-препарати.
За должината на траењето на овој тип на терапија, како и за дозите, задолжително побарајте препорака од вашиот лекар. Потреба од подолготрајна терапија со тописките кортико ја одредува лекар-специјалист. Ова е терапија кај децата со астма, па потребна е дополнителна едукација на родителите кога нивното дете ќе има потреба од зголемени дози, или дополнителна терапија со бронходилататор со цел разрешување на влошување на болеста како астма во домашни услови.

Каде можат да згрешат родителите?

– Во случаи на настинка или грип инхалаторите може да се користат за инхалација само со физиолошки раствор со цел навлажнување на респираторната лигавица, погрешно е самоиницијативно да се употребуваат  какви било други раствори или лекови.

– Неправилно да го дозираат лекот (недоволно разбрале, невнимание на дозата на препаратот).

– Да го погрешат лекот поради сличност во пакувањата. Постојат пакувања на лекови кои изгледаат слично (шишенце со вентолин раствор за инхалација со пакување на препарат на витамин Д) или различен облик на лек (вентолин раствор за инхалации со вентолин во облик на сируп).

– Не треба да се инхалираат солени раствори подготвени во домашни услови, маслени раствори (етерични масла) или хербални раствори како камилица – тие го оштетуваат инхалаторот, но и респираторната лигавица.

– Апликацијата на терапијата со инхалатор е со огромен бенефит само доколку е правилна.

Затоа, отворено разговарајте со лекарот на вашето дете за начинот на апликација на лековите, за изборот на лекови, како и за времетраењето на терапијата.

Автор: Прим. д-р Благица Манчева, пулмоалерголог



912

X