д-р Андреа Николова-Пауновиќ, матичен лекар

д-р Андреа Николова-Пауновиќ, матичен лекар

Поликлиника „Жана“ во Неготино
е-пошта: poliklinika.zana1@yahoo.com
тел. 075 555 512

Повеќе од авторот

Малите деца обично имаат лесна, краткотрајна болест, како фарингитис, со лесно покачена телесна температура, а поголемите деца и адолесцентите често имаат потежок клинички тек на болеста

Инфективна мононуклеоза е акутна инфективна болест и е предизвикана од Епштајн-Баровиот (Epstein-Barr) вирус од фамилијата на херпес вируси. Клинички карактеристики на болеста се ангина, генерално зголемени лимфни јазли, зголемена слезина и црн дроб. Во крвта се апсолутно зголемени атипични лимфоцити, се пронаоѓаат хетерофилни антитела и специфични антитела против Епштајн-Баровиот вирус.

Оваа инфективна болест најчесто поминува асимптоматски (без симптоми), а постои насекаде во светот. Примарната инфекција најчесто настанува во раното детство. Инфекцијата кај деца најчесто се шири по фекално-орален пат. Кај поголемите деца и адолесценти примарната инфекција е со карактеристични симптоми. Кај возрасната популација преносот на болеста е преку назофарингеален секрет (преку бакнеж).

Епштајн-Баровиот вирус примарно го напаѓа лимфното ткиво и настанува генерализирано зголемување на лимфните јазли, крајниците, слезината и црниот дроб. Утврдено е дека овој вирус може да преживее со години во лимфоцитите на човекот.

Инкубацијата трае различно, од 2 до 8 недели. Клиничкиот тек може да биде различен, од сосема лесен степен до многу тежок. Малите деца обично имаат лесна, краткотрајна болест, како фарингитис, со лесно покачена телесна температура. Поголемите деца и адолесцентите често имаат потежок клинички тек на болеста – зголемена температура, премаленост, главоболка, болка во грлото и зголемени лимфни жлезди. Температурата може да биде околу 38-40 Целзиусови степени и просечно трае една недела. Крајниците се зголемени, црвени, а на мекото непце чест е петехијален енантем (точкест исип).
Зголемени лимфни жлезди, особено предните и страничните на вратот, има кај сите болни, а некои имаат и генерализирана лимфаденопатија (зголемени лимфни жлезди по целото тело). Нивната големина може да биде од зрно грав до орев или поголеми, доста се тврди на допир и болни на притисок.
Слезината се зголемува кај 50-70 % од болните, може да се напипа под левиот ребрен лак, додека црниот дроб поретко се зголемува, а кај некои од болните може да се јави и иктерус (жолтило по кожата).

Повлекувањето на симптомите се одвива подолг период, 3-5 недели, а понекогаш и подолго.

Дијагнозата се темели на: клиничката слика, крвната слика и серолошки тестови.
Кај поголемите деца симптомите се поизразени, додека кај помалите деца најдобро е да се докаже болеста со пораст на специфични антитела во серум.
На крвната слика промените настануваат на крајот од првата недела од болеста: апсолутна лимфоцитоза и појава на атипични лимфоцити, можно е, но поретко, да се јави хемолитична анемија и тромбоцитопенија.
Диференцијално дијагностички инфективната мононуклеоза се разликува од стрептококната ангина (поради зголемената слезина, црниот дроб, генерализирано зголемени лимфни жлезди и промената во крвната слика), морбили (копликови дамки и поблаг тек на болеста), рубеола (има поблаг тек од инфективната мононуклеоза, исипот се јавува пред зголемените лимфни жлезди и без зголемена температура).

Лекувањето е симптоматско. Потребно е мирување во кревет, особено при зголемена температура, во случај на тешка спленомегалија (зголемена слезина) или појава на знаци на болести на миокардот (срцевиот мускул). Антипиретиците се обично доволни за да ја намалат температурата и болката заради воспаленото грло. Антибиотици не дејствуваат на инфективната мононуклеоза. Ако се изолира од грлото Бета-хемолитичен стрептокок од групата А, како секундарна или мешана инфекција, тогаш се дава пеницилински антибиотик. Кортикостероиди смеат да се дадат само поради зголемени лимфни жлезди, тонзили, кога го отежнуваат дишењето и ја нарушуваат респираторната функција.

Прогнозата на оваа болест е добра и ретки се компликациите од неа (руптура/прскање на слезината, тежок миокардитис/воспаление на срцевиот мускул).
Не е потребно пациентите да бидат изолирани. Се препорачува само редовна и општа хигиена превентивно и секојдневно. Здрава исхрана и течности кои редовно ќе се внесуваат и ќе се води здрав живот (спортување, рекреација, прошетки во природа).



912

X