Родителот треба да го мотивира детето да оди на училиште, да му го покаже училиштето во позитивно светло, да му објасни дека таму ќе учи, ќе запознава нови пријатели, ќе се забавува

Првиот училиштен ден секогаш е проследен со силни емоции и кај децата и кај родителите. Кај децата се јавуваат различни чувства знаејќи дека пред нив се наоѓа нешто ново и непознато, додека, пак, родителите не се сигурни како најдобро да ги подготват за престојните училишни обврски. Со оглед на тоа што деновиве тоа е најголемата дилема во главата на мајките и татковците, еве што советуваат психолозите.

Без заплашување

Понекогаш родителите му зборуваат на детето дека во училиштето не е лесно, дека отсега натаму сите денови ќе треба да ги поминува пред книгата. Но така не му помагаат на детето. Напротив, предизвикуваат страв од училиштето, а детето може да покаже отпор, т.е. да не сака да оди на настава, да ја загуби самодовербата.
– Родителот во никој случај не смее да го заплашува детето додека му зборува за училишните обврски. Наместо тоа, училиштето треба да се покажува во позитивно светло. На детето треба да му се објасни дека таму ќе учи, но и ќе запознава нови пријатели, ќе се забавува – вели Дивна Јанкова, психолог во училиште во Куманово.

Дивна Јанкова

Заборавете го зборот „мора“

Таа вели дека родителот треба да го избегнува зборот „мора“ при разговорот со своето дете за поаѓање во училиште.
– Родителите несвесно му велат на детето: „Ти мора да одиш во училиште, мора тоа да го научиш, мора да ја напишеш домашната задача“. Но со ова детето нема да има желба да оди. Ќе стравува и ќе го гледа училиштето во негативно светло. Објаснете му зошто знаењето е важно за да може да развие самоконтрола и самото да се убеди дека треба да оди во училиште, на начин разбирлив за него – додава Јанкова.

Не оцрнувајте ги наставникот и школото

Секој родител знае да му најде некоја маана на училиштето, на образовниот процес или, пак, на наставникот што ќе го учи детето, и тоа пред него. Ова може да има негативни последици.
– Без разлика на своето образование, родителот во никој случај не смее да го понижува наставникот. Доколку има нешто што не му се допаѓа, треба да поразговара лично со тој наставник, но никако да го навредува пред детето бидејќи во тој случај наставникот ќе го загуби својот авторитет – објаснува Јанкова.
Според неа, еднаш загубениот авторитет кај наставникот тешко се стекнува повторно. Понижениот наставник нема да може да го задржи вниманието на децата.
– Родителот треба да му објасни на детето дека за тоа што не му е јасно може слободно да го праша наставникот, да се чувствува слободно. Детето треба да се чувствува пријатно со наставникот кога ќе тргне на училиште бидејќи единствено тогаш може да постигне успех – кажува Јанкова.

Мотивацијата е најважна

По долгите летни игри децата тешко можат да развијат интерес и желба за учење, па покажуваат отпор кон она што ги чека. Затоа мотивацијата е најважна уште во првите денови од поаѓање на училиштето.
– Двајцата родители треба да му зборуваат на детето дека летото завршило и дека е време тоа да стекне одредени работни навики. Дека го чека распоред кој ќе треба да го следи. Треба да му се објасни дека е важно да даде сè од себе, но да не го критикува по првиот неуспех, туку да го бодри детето, да му вели дека и ако добие помала оценка, да не очајува, наредниот пат ќе добие повисока ако се потруди. Така уште на почетокот родителот ќе му ја крене на детето самодовербата за учење – додава Јанкова.

Не мора да се зборува само за училиште

Психологот Бојана Стојменовиќ советува родителите да не се оптоваруваат со непотребни работи. Не мора детето да биде облечено во нова и скапа облека, не мора да понесе смартфон и не мора тој ден да биде најдобро.

 

Бојана Стојменовиќ

– Во ред е ако плаче, во ред е ако се чувствува нервозно, не мора да запамети сè што кажала наставничката, не мора да зборува само за училиштето… Не упатувајте му пораки дека мора да биде најдобро или дека е најдобро од сите во одделението, зашто на тој начин индиректно му правите притисок. Очекувано е да се расплаче и не поставувајте му забрана со викање или тепање. Доволно е да го утешите и да му зборувате со смирен тон (Верувам дека денес ќе ти биде многу интересно… Ќе запознаеш многу нови другари… Одењето на училиште значи дека ти си пораснал… и сл.) – вели Стојменовиќ.
Ако забележите дека детето е нервозно, пораздразливо од вообичаено, хиперактивно, му се повраќа, не сака да јаде, има опстипација или дијареја, збунето е… не треба да се прави паника околу тоа, туку да се направи атмосфера за да се смири.
– Донесете некоја негова омилена играчка, прошетајте заедно, направете некоја мала физичка активност… И повторно, разговарајте со него на начин полн со разбирање, почит и љубов. Нервозата и нетрпението лесно ќе се препознаат во вашиот глас. Иако детето станува ученик, нема да стане подобар ученик ако постојано зборува само за училиштето. Откако ќе ги заврши сите обврски, предложете заедно да направите некоја поинаква активност – додава психологот.



912

X