Иако многу се зборува за важноста на разновидната и балансирана исхрана, особено за исхраната на децата, информациите што ги добиваме преку социјалните мрежи и медиумите често знаат да нѐ збунат и непотребно да го комплицираат процесот на хранење.

Во основа, пирамидата за здрава исхрана што сме ја научиле во основно училиште е сè уште добра референтна точка – сите хранливи материи се важни и нема забранета храна, но акцентот сепак треба да биде ставен на изворите на протеини, целите зрна, здравите масти и сезонското овошје и зеленчук.

Добриот стар сендвич

Ако вашето дете е пребирливо, односно го врти носот само при спомнување спанаќ или краставици, тогаш е навистина важно да имате имагинација и да му подарите храна што вообичаено ја избегнува, но во форма што ќе му се допадне. Многу деца не сакаат ни да пробаат храна која не им изгледа привлечна.

Еден од најлесните начини да им послужите на децата хранливо богат и избалансиран оброк и потенцијално да „прошверцувате“ зеленчук во него – е да го подготвите добриот стар сендвич.

На мозокот и мускулите им се потребни јаглехидрати

Почнувате со лебот. Јаглехидратите треба да бидат основа на секој балансиран оброк бидејќи тие се главниот извор на енергија за нашиот мозок и мускули. Иако децата најмногу сакаат бел леб бидејќи е мек и лесен за џвакање, обидете се да експериментирате и со други опции.

Бидејќи тоа е горивото што го храни детскиот мозок, не би било лоша идеја да посегнете по леб или погача од цели зрна, кои се извор на диетални влакна, витамини Б и минерали како што се магнезиум, калиум и железо, кои се неопходни за раст и оптимално функционирање на целиот организам. Добра опција е лебот од кисело тесто, кој благодарение на пробиотиците го подобрува здравјето на дигестивниот систем и го зајакнува имунитетот.

За да им помогнете полесно да џвакаат, послужете им сендвич со вода, сок од јаболко или јогурт и секогаш можете да ја отстраните кората од лебот.

Колку протеини дневно им се потребни на децата?

Протеините се исклучително важни во сечија, а особено во детската исхрана, бидејќи протеините се градежен материјал на нашето тело и се вклучени во сите биохемиски процеси во клетките. Потребите од протеините зависат од многу фактори, како што се полот, возраста и физичката активност на детето, но според референциите на „Д-А-ЦХ“ (централни европски земји: Германија, Австрија и Швајцарија), кај деца меѓу четири и четиринаесет години тие изнесуваат 0,9 грама/килограм, што значи дека на дете од 30 килограми, му требаат 27 грама протеини.

Затоа, кога подготвувате сендвич, посегнете по храна со поголема содржина на протеини, како што се пилешки гради, јајца, риба и разни видови мешунки.

Извор



912

X