Налепниците „Бебе во автомобил“ се честа глетка на задните прозорци на автомобилите. Родителите ги поставуваат за да ги предупредат другите возачи дека во возилото има дете. Многумина веруваат дека поради тој знак, другите возачи ќе бидат повнимателни и потрпеливи, а некои се надеваат дека во случај на несреќа, службите за итна помош може да му дадат предност на возилото со детето. Сепак, полицијата предупредува дека овие налепници би можеле да направат повеќе штета отколку корист.
Според полициски извори, секоја налепница на автомобил, вклучително и онаа со порака за присуство на бебе, може ненамерно да ве направи мета на криминалци. Проблемот не е самата порака, туку информациите што им ги открива. Шефот на полицијата во Лин Хејвен (Флорида), Рики Рами, изјавил дека налепниците на возилата можат да послужат како „реклами за крадци“, особено ако ги откриваат интересите на сопственикот или деталите за начинот на живот.
Од канцеларијата на шерифот од округот Ален (Индијана) предупредуваат дека налепниците за бебиња можат да сигнализираат оти возачот „веројатно е расеан и затоа е лесна мета“.
Во објава на „Фејсбук“, тие ги повикале родителите да размислат двапати пред да постават вакви знаци, со пораката: „Сите сакаме да се фалиме со она на што сме горди, но дали ја ставате безбедноста на вашето семејство во опасност? Размислете за тоа следниот пат кога ќе одлучите да поставите налепница на вашиот автомобил“.
Мислењата на возачите поделени
Сепак, не сите се согласуваат со овие предупредувања. Откако видеото за потенцијалните опасности од овие налепници станало вирално на социјалните мрежи, многу родители застанале во нивна одбрана, тврдејќи дека нивната намена е погрешно разбрана.
Еден возач објаснил како таков знак влијае врз неговото однесување при возењето.
-Кога ќе видам автомобил со ваква налепница пред мене, знам дека родителот зад воланот може да биде уморен или расеан. Особено ако се нови родители, веројатно возат побавно, па затоа реагирам со поголемо разбирање и одржувам поголемо растојание.
На крајот на краиштата, тоа била и првичната намера на знаците. Од компанијата „Безбедноста на прво место“, за која се верува дека прва почнала да ги произведува, велат дека целта е да „ги охрабри другите возачи да возат повнимателно кога се приближуваат до возило со деца во него“. Со текот на времето, оригиналното значење е изгубено, а некои родители сега се плашат дека знакот всушност го истакнува присуството на вредни предмети.
-Овие налепници се бесмислени. Никој не вози повнимателно кога ќе ги види, ниту пак е помалку вознемирен ако возите бавно. Тоа е само чуден начин да им соопштите на сите дека имате бебе – заклучил еден корисник.