Психолозите ни кажаа рецепт за тоа како децата да ве слушаат кога им зборувате
Дали детето ме слуша што му зборувам? Ова е можеби најтешкото прашање што секој родител си го поставува, но одговорот често останува непознат. Очајнoто изнаоѓање начини како детето да ве слушне, разбере и да го направи она што му го кажувате е типично секојдневие за секој родител. Факт е дека родителството не е лесна работа. Но, ако го научите вашето дете да ве разбере уште при првото зборување, голема е веројатноста таа навика да ја сочува за цел живот. Психолозите ни кажаа рецепт.
Ако ви е важно да ве слуша детето, сослушајте го и вие него
Детето сака да каже нешто многу важно. Неговите гестикулации, објаснување со раце и тело или повишување на тонот се типични карактеристики што ја опишуваат неговата потреба да го сослушате. Колку и да мислите дека не е важно, обрнете му внимание и сослушајте што има да каже.
– Моделот на заемно почитување е многу важен и корисен доколку сакате да изградите цврст однос и квалитетна комуникација со вашето дете – вели Борјана Јанакиева-Заева, психолог, семеен и системски советник.
Борјана Јанакиева-Заева
Оставете го да заврши со играта
– Кога вашето дете е зафатено со играње, на пр., цртање или боење, оставете го прво да заврши – додава психологот.
Кога сме сконцентрирани на некоја работа, несвесно се исклучуваме од светот и воопшто не ги слушаме другите. Истото се случува и со детето. Затоа, најдоброто решение во тој момент е да го почекате да заврши, па потоа да започнете разговор. Фатете го за рака или допрете го за рамо и притоа одржувајте контакт со очите. На тој начин полесно ќе му го свртите вниманието. Ако му се обратите со: „Време е за собирање на играчките“, таа реченица може да остане незабележлива или да не биде сфатена сериозно. Но ако кажете: „Деца, погледнете ме, ајде да собираме играчки“, ќе има многу поголемо влијание.
Проверете дали навистина ве разбира
Не е потребно вашето дете само да ве слушне, туку и да ве разбере. Тоа може да ве гледа в очи и да ве слуша, но мислите да му летаат на друга страна. За секој случај, важно е да го прашате дали навистина ве разбира, па ако е потребно, и да го повтори кажаното.
Има начин како да не зборувате по десет пати и притоа да се чувствувате како да зборувате со ѕид.
– Пробајте да бидете доследни во сè што им зборувате и да го исполните тоа што им го ветувате. Ставете им ги до знаење можните последици. На пример: „Кој нема да јаде сега, ќе остане гладен“. Или: „Ако не бидете спремни за десет минути, нема да одиме во кино“. Сепак, обидете се да го исполните кажаното доколку сакате детето да ве сфати сериозно и да ве послуша – вели Јанакиева-Заева.
Помалку зборови, повеќе дела
На крајот на денот, велат психолозите, родителот е огледало на детето. Секое дете внимателно ги следи активностите на својот родител и подоцна ги присвојува. Затоа, клучниот елемент за успешна комуникација лежи во внимателното согледување на вашите постапки и нивно совпаѓање со вашите зборови.
912