Кај децата треба да се развиваат вештините за разбирање на своите, но и на туѓите емоции. Затоа уште од најрана возраст децата треба да ги подготвуваме и да ги поттикнуваме, и да ги развиваме кај нив вештините што ќе им помогнат правилно да постапуваат во дадени ситуации
Емоционална интелигенција е збир на повеќе способности – способност за препознавање, разбирање и контролирање на сопствените, но и на туѓите емоции. Во таа смисла јас во мојата практична работа зборувам за развој на емоционални и социјални вештини бидејќи во практична смисла емоционална интелигенција значи да бидеш свесен за своите емоции и за тоа како реагираш и се однесуваш притоа, особено во интеракцијата со другите луѓе. Тоа значи дека е потребно да ги разбираме чувствата, да знаеме како настануваат и зошто ни служат. Односно да ги освестиме и прифатиме чувствата, а не да ги доживуваме како знак на слабост. И кога ќе бидеме свесни за своите чувства, тогаш ќе можеме и да застанеме, да се преиспитаме и да го коригираме нашето мислење и однесување.
Емоционалната интелигенција се всушност некогнитивните вештини што влијаат врз способноста на личноста да се справи со барањата и притисоците од околината.
Затоа, кога велиме емоционална интелигенција, мислиме на спојот помеѓу емоционалниот и когнитивниот аспект на менталното функционирање, кои секако не одат одвоени еден од друг.
Емоционалната интелигенција се учи или?
Со самото тоа што емоционалната интелигенција е збир на вештини, во најголем дел се стекнува со процесот на учење. Таа се развива во текот на животот и со искуствата на поединецот. Затоа велиме колку повеќе искуства му нудиме на детето во неговиот развој, толку повеќе ќе ги развива социо-емоционалните вештини, односно ќе има повисока емоционална интелигенција. И, се разбира, подобро ќе се снаоѓа во опкружувањето и ќе биде поуспешно.
Кога зборувам за различни и повеќе искуства низ детскиот развој, не мислам само на поттикнување на когнитивните способности и тој вид активности каде што детето се подготвува само академски. Мислам на искуства преку кои детето ќе гради и негува пријателски односи со другите деца, ќе работи во група, ќе развива емпатија, упорност, љубезност, нежност, почитување. Секојдневни ситуации каде што ќе мора да решава проблеми, да се справува со потешки ситуации, да се развиваат самостојноста и самоиницијативноста. Така што, тоа вклучува секојдневни активности како играње во домот и надвор, вклучување на детето во активностите во домот (собирање алишта, редење садови во машина за миење, поставување на масата за јадење и други активности зависно од возраста на детето), пазарење, прошетки во природа, физички активности, дружења со врсници, друштвени игри, жива комуникација и сл.
Многубројни истражувања во оваа област покажуваат дека доколку детето има развиено вештини на емоционална интелигенција, со кои постигнува одлични резултати во училиште, добро е адаптирано и е омилено во играта, тоа ќе биде успешно понатаму како возрасен, и во работата и во бракот.
Многу родители настојуваат на децата да им овозможат да стекнат што повеќе знаења, претпоставувајќи дека тоа ќе овозможи да бидат поуспешни. Па така, уште на најмала возраст почнуваат на детето да му го објаснуваат светот, уште на неколку месеци почнуваат да му читаат. Веќе не е необично да се види дете со мобилен или друг екран пред себе уште пред да почне да почне да зборува или да формулира наједноставна реченица. Да, затоа имаме сè повеќе паметни деца, со супер когнитивни способности, но имаме големо опаѓање на емоционалните и социјалните вештини кај децата.
Затоа имаме и сè повеќе несреќни и агресивни деца, врсничко насилство, депресии, фобии, анксиозност и други ментални проблеми.
Многу е важно да знаеме дека емоциите се многу значајни за целокупното функционирање на поединецот, па така и на детето. И затоа од огромна важност е кај децата да се развиваат вештините за разбирање на своите, но и на туѓите емоции. Затоа уште од најрана возраст децата треба да ги подготвуваме и да ги поттикнуваме, и да ги развиваме кај нив вештините што ќе им помогнат правилно да постапуваат во дадени ситуации
Нагло опаѓање на емоционалните и социјалните вештини
Причини за тоа се посложените општествени промени кои се случуваат последниве децении, подинамичниот начин на живеење, силното влијание на медиумите и развојот на технологијата, а за сметка на тоа намаленото време кое родителите го поминуваат со своите деца и отсуството на жива комуникација, а истовремено се поголемите очекувања од децата.
912