Летото е пред нас, а низ паметот веќе ми се вртат планови за тоа што ќе правам со моето дете. Ќе одиме во зоолошка, на плажа. Сакам да го видам неговото лице кога првпат ќе види светулка.

Сакам шанса заедно да уживаме во топлите, влажни летни ноќи, па планирам да му дозволам да остане малку подоцна (само неколку пати), за да јадеме сладолед и да се смееме и играме под месечевата светлина.

Една пријателка пред некој ден кажа нешто што ме натера да застанам. Таа рече: „Замисли, имаме само 18 лета заедно со нашите деца“. Мене срцето ми застана.

Мојот син има две години, така што помислив дека имаме само уште 17 лета.

17 лета заедно како семејство. Одење заедно на одмор. Ставање на стапалата во песокта и прскање со вода на плажата.

17 лета да уживаме во мрзливите недели. Да заспиеме на каучот во текот на жешките денови во август или да поминеме низ прскалките додека се бориме со топлината.

17 лета на детство, од времето наменето за нас, во едно семејство. Во семејство каде што ќе пораснеме заедно, каде што ќе создаваме спомени на кои еден ден со задоволство ќе се сеќаваме.

17 лета за да одиме на истражувања. Да имаме авантури и да откриваме нови места, дури и ако тоа се случува во нашиот град и нашата држава.

17 лета за скара во дворот, сечени лубеници и хамбургери.

17 лета кога тој исклучиво ќе биде мој. Пред да порасне и да стане независен, во потрага по „свои“ луѓе – неговите најдобри пријатели кои ќе ги смета за семејство.

17 лета за патувања и чувство како турист и губење во ново место.

17 лета за лимонади, бонбони и сладоледи.

17 лета за сончање, каснувања од комарци, пикници и пешачење низ шумата.

17 лета пред да порасне, да се пресели и да создава сопствен живот кога ќе поминува цели лета оддалечен од мене, истражувајќи го светот со пријателите или партнерката, испраќајќи ми разгледници за да ми ги каже своите авантури.

Не сакам да тагувам по нешто што сè уште не сум го изгубила, но сфаќам колку е минливо времето. И бидејќи не можам да притиснам пауза и да направам да трае подолго, ќе се обидам да уживам и да бидам присутна во секој момент.

Бидејќи за брзо време, 2 години преминуваат во 10, па 15, па: „Ветувам дека ќе ти се јавам, мамо“.

Додека ги имаме овие денови, ќе се смееме и ќе пееме, ќе останеме до доцна и ќе кампуваме во дворот. Ќе ги исклучиме телефоните и ќе ги поминеме деновите надвор, уживајќи во времето што го поминуваме заедно. Бидејќи сè уште имаме 17 лета. А тоа е многу.

Автор: Карел Роксас



912

X