Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам близнаци од три години. Откако едниот почна да зборува, другиот се повлече во себе. И тие зборови што ги знаеше сега ретко ги кажува. Со најблиските е слободен, постојано скока и се гушка, но кога ќе дојде до контакт со непознати луѓе, се повлекува и многу малку комуницира. Што да направам?

ОДГОВОР: Иако и самите веројатно си повторувате дека вашите близначиња се индивидуи за себе, претпоставувам дека е тешко да не доаѓате во ситуации кога ги споредувате и мерите.
Од самото раѓање тие имаат свој посебен карактер и личност, особини кои имаат огромна улога во тоа како се развиваат, а индивидуалноста сама по себе ќе се зголемува и ќе биде сѐ позабележителна како што ќе растат.

Тие ги развиваат и вештините во различен редослед, додека едниот ќе напредува во некоја вештина, другиот ќе доцни, и сѐ така постојано ќе се надополнуваат.

Секако дека споредбата не е секогаш лоша. Може да помогне да идентификувате дали има проблеми со развојот. Но, многу е важно да се поттикне чувство на индивидуалност, особено кај близнаците.
Децата на возраст од 3-4 години почнуваат да се срамат. Повремената срамежливост е соодветен адаптивен одговор што повеќето деца ќе го искусат како нормален дел од развојот.

Детето обично почнува да се крие зад родителот, го покрива лицето со рацете, игнорира… Во овие ситуации родителот често одговара: „Кажи добар ден!“, „Поздрави се!“ или зборува во негово име.

Светот е голем, хаотичен и полн со непознати луѓе и ситуации, а вашето дете се учи да чекори низ него на начин што најмногу одговара на неговата личност и ниво на удобност.
Како родители, очекуваме децата како што растат така да стануваат повешти во различни социјални ситуации. Но понекогаш ваквите очекувања не се онака како што ги замислуваме и посакуваме.
Нема ништо лошо во тоа да се биде срамежлив, но сепак вие како родители сте тука да му помогнете полесно да се вклопи во светот и да ја зголеми својата самодоверба.

Додека на некои деца им е природно побрзо да се вклучуваат во нови ситуации, некои се повнимателни. На вашето синче му е потребно малку повеќе време да се ослободи со непознати луѓе, во непознати ситуации и средини.

Потрудете се да не правите голема работа од начинот на кој се однесува, туку прифатете ја неговата природа. Во моменти кога треба да се соочи со нова ситуација или место, претходно објаснете каде ќе одите, со кого ќе се видите итн.
Како што поминува времето, така вашето дете полесно ќе се приспособува на новите ситуации чувствувајќи се поудобно да разговара. Во меѓувреме, одржувајте ја неговата самодоверба. Избегнувајте да го присилувате да одговара на прашања или да се вклучува во нешто каде што не се чувствува толку сигурно. Одвојте време посебно за секој од нив. Кога ќе потпораснат малку, можете да ги вклучите во некои спортски активности, соочувајте ги со нови ситуации.

Бидете нивно безбедно место за отворање и истражување на светот со/и преку вас, да чувствуваат дека ја имаат вашата поддршка, дека е во ред да не мора да бидат нешто што не се.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.




912

X