Јас и сопругот седиме на столовите ракувајќи се со двајцата мажи спроти нас. Само што склучивме договор со еден од нашите најголеми клиенти досега, па време е да почнеме голем проект. Енергијата во собата е огромна, нови почетоци, чувство на нешто неверојатно. Во меѓувреме, моето 3-месечно бебе спие пред нашите нозе. Се буди баш во моментот кога завршивме со состанокот – си заминуваме со цел да го испланираме преостанатото време за нашето бебе.
Ова е мојот живот – балансирајќи меѓу семејството и работата, меѓу помагањето на моите клиенти и успехот мојата ќерка да развие нови вештини. Не е лесен живот, и понекогаш е претешко. Но, тоа сум јас.
Кога мајка ми ми рече дека носењето бебе на деловен состанок е непрофесионално, се спротивставив со шега, велејќи дека таа станува дел од мојот личен бренд.
Растењето на мојот бизнис, грижата за детето и семејството истовремено за мене е дефиниција за професионалец. Се разбира, чувствувам притисок да останам дома и целосно да се посветам на моето породилно отсуство, затоа што имам среќа што воопшто имам породилно. Да се биде сопственик на бизнис и мајка, според моето искуство, е исто како да се има близнаци. Целосно сум посветена на двете. И мислам дека имам право да бидам.

Кога едниот спие, другиот го има целото внимание, и обратно. И двајцата го претставуваат моето наследство, мојот отпечаток во светот. И на двајцата им е потребна грижа, љубов, дисциплина и добри навики. Двојниот стандард на засрамувањето на мајките што работат и на мајките што остануваат дома да се грижат за децата е заморувачки и застарен. Зошто да не можеме да ги имаме и двете?
Зошто не можеме да прифатиме дека несовршеностите се неизбежни, во родителството и во бизнисот, и наместо да се фокусираме на тоа да бидеме суперродител и суперпретприемачи, да бидеме навистина добри (но не и совршени) и во двете работи?
Ќе лажам ако кажам дека нема денови кога се чувствувам преморена да размислувам, а камоли да работам. Постојат непроспиени ноќи и стресни денови, напорни денови, обврски на кои сум заборавила, пропуштени задачи, пропуштени оброци, пропуштени активности со бебето.
Но, тоа е животот – предиво од грешки, победи, понизни моменти, моменти на триумф. Најчесто одам на состаноци со ќерка ми в раце со чувство на мирна самодоверба. Но, секогаш има моменти на сомнеж и првично кренати веѓи, напади на срам кога таа ќе почне да плаче. Не го пишувам ова за да го потврдам мојот пристап кон балансирање на работата и родителството – едноставно илустрирам дека ја носам ќерка ми на деловни состаноци и тоа е во ред; светот продолжува да се врти. Ова го пишувам за да им кажам на другите мајки кои можеби се борат да го пронајдат вистинското темпо, удобноста на рутината што им одговара, дека не сте сами и дека не постои правилен и погрешен начин да се балансира она што ви го подготвил животот.
Го пишувам ова за да илустрирам дека мојата вредност за она што го работам не е намалена затоа што сум мајка првпат. Не сум помалку способна, помалку мотивирана или помалку професионалец сега кога имам бебе. Моето мислење е дека кога родителот е среќен, среќно е и бебето. Градењето на мојот бизнис ме прави среќна. Или поточно, ми дава чувство на цел, ми дава значење и ме исполнува. Како нови мајки, бомбардирани сме со информации, премолчено осудување и коментари што можат да направат да се чувствуваме како да не успеваме во сè – ниту во мајчинството ниту во кариерата.
Но, зголемувањето на предизвикот нè прави воини, во крстоносна војна толку едноставна – да ги правиме работите на сопствен начин, начин за кој сметаме дека е правилен. На што и да одберете да го посветите вашето внимание, треба да биде според она што има смисла во вашиот живот во тој момент, а не според она што некој друг мисли дека треба да го правите.

Истото важи и за татковците – грижата за вашите деца, додека вашата сопруга работи, не ве прави помалку мажи, туку ве воздигнува. Ве прави поголем партнер, некој на кој може да се потпре вашата сопруга, слободно и целосно.
Моето воспитување е сосема спротивно со мојата животна филозофија. Во текот на моето детство мажите никогаш не готвеа, а жените никогаш не поправаа автомобили. Конструкциите на кои сме изложени рано во животот го обликуваат нашиот светоглед на фундаментален начин и можат да доведат до вознемиреност, вина, па дури и срам.
Важно е да ја негувате вашата самосвест, да ја проверите вашата пристрасност и да одржувате отворени и искрени канали за комуникација со клучните луѓе. Ставете се на прво место – не на нарцисоиден начин, туку од агол на грижа за себе и самоафирмација. Застанете зад себе, бидејќи никој друг нема.
Без оглед дали сте мајка што работи или седи дома, направете го она што прави да се чувствувате добро и она што ве води кон исполнет и значаен живот. Никогаш нема да ги задоволите троловите – колку повеќе внимание им давате, толку повеќе се поместувате од местото каде што вие сакате да бидете. Имајте храброст да го направите она што ви одговара вам, и знајте дека не сте сами во оваа битка.
Автор: Ина Ричардсон