Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработката помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Се работи за речиси 4-годишно машко дете. Имавме проблем со запек подолг период, а сега тоа се случува поретко. Сакам да прашам како да го одвикнам од пелени. За нокшир не сака да слушне. Разговарано е повеќе пати и не сака да прифати. Мислам дека има страв. Како да се постапи во ваква ситуација?
Прашува: читател

ОДГОВОР: Почитуван, пишувате дека се сомневате дека вашето дете има некаков страв од користењето нокшир. Многу е важно да го истражите овој страв. Од што всушност се плаши? Што му создава немири? Од што се обидува да избега кога се враќа на користењето пелени? Или, што сака да добие со тоа? Ова може да го проверите и истражите користејќи игра или цртеж. Можете да земете неколку големи кукли или кадифени животни и да го повикате своето дете заедно да си играте „користење нокшир“, или низ цртеж да истражите каков е тој страв и отпор што вашето дете ги доживува.

Доколку вашето дете има силна одбивност кон нокширот, обидете се да му понудите примамлива алтернатива, набавете адаптер за тоалет и поканете го да го користи тоалетот како возрасните. Можете да му го претставите тоалетот како привилегија на возрасните и да му кажете дека тој, бидејќи сега е голем и успешен, може да го користи големиот тоалет рамноправно со сите возрасни.

Размислете и за воведување награда. Заедно со вашето дете направете календар на кој ќе ги бележите сите успешни денови без пелени. На пример, ставајте по една ѕвездичка за секој ден поминат без пелени. Кога ќе собере седум ѕвездички по ред, одредете мала награда: сладолед, возење на рингишпил, гледање цртани заедно и сл.
Бидете креативни во изнаоѓањето решение кое најдобро ќе одговара за вашето дете. Направете го како игра и поканете го вашето дете низ таа игра заедно да трагате по најсоодветното решение.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com
тел. 078445224

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

 



912

X