Воспитување

Имала само 460 грама и била речиси проѕирна: најмалечкото прерано родено бебе од Велика Британија сега е здраво девојче

Бебе што се родило во 23. недела тежело само 460 грама, но сега веќе е развиено девојче.

Кога Еди Медок-Џонс се родила, била со големина на дланката на нејзината мајка и била толку прерано донесена на свет, што нејзината кожа била речиси проѕирна. По борбата со сепса, мозочно крвавење, дупка во срцето и пневмонија, Еди сега е совршено здраво тригодишно девојче. Таа била најмалото бебе што успеало да преживее во Велика Британија.


Лекарите ги предупредиле родителите Никол (38) и Дејвид (37), и двајцата државни службеници, дека нивната ќерка веројатно нема да преживее или дека ќе биде со инвалидитети. Но, сега Никол сака да понуди порака за надеж кон другите родители на прерано родени бебиња.

„Знам како е да се роди бебе кое според медицински прогнози веројатно нема да преживее, и знам дека треба огромна сила за да се биде мајка на такво бебе за тоа да преживее. Сакам другите родителите на прерано родени деца да знаат дека иако бебето може да е малечко колку моето, сепак, може да живее среќен, здрав живот“.

Никол имала нормална бременост и не очекувала компликации. Но, на 23 недели таа имала крвавење (не обилно) и веднаш истрчала во болница. Му кажала на сопругот и тој ѝ рекол да не крева паника. Се чувствувала добро, но не сакала да ризикува. Кога ја прегледале во болницата, ѝ рекле дека се отвора. „Тоа беше почетокот на пеколот“, изјавила Никол. Лекарите се обидувале да го задржат бебето во утробата на мајката што подолго. Но, тоа не било изводливо и за кратко време таа се породила. Срцето на мајката се скршило кога ѝ рекле дека шансите за преживување на бебето се 20 проценти. По две недели на апарати, лекарите им кажале на родителите дека е многу можно наскоро апаратите да бидат исклучени. За среќа, девојчето реагирало на стероидите и можело да почне да диши самото, без помош од респиратор.

По 109 дена во болница, ја пуштиле дома. „Го поминавме почетокот од нејзиниот живот опкружени со монитори, лекари и сестри, па бевме малку исплашени и под стрес кога дојдовме дома“, рекла Никол. Но, по 3 години од драматичното раѓање, малата Еди расте нормално, без здравствени проблеми и покрај тоа што се родила многу помала за разлика од другите деца.

„Нејзиниот развој е неверојатен. Нашиот живот е нормален, но на дневна основа ние сме зачудени од тоа низ што сè таа помина. Таа има одличен карактер, уникатна е, многу харизматична, неверојатно смешна и силна. Малечка е, но има цврсти ставови и е тврдоглава. Веројатно тие особини ја извлекоа од тешкиот период. Таа е нашето чудо“, заклучува мајката.

Автор: Мари Клер Доркинг

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top