Прегратките имаат неверојатни ефекти врз децата, затоа не заборавајте често да ги гушкате вашите најмили дури и кога превртуваат со очите како да им е непријатно.
Понекогаш децата, особено тинејџерите, се преправаат дека не сакаат прегратка. Но, дури и тогаш, тие им помагаат да се чувствуваат добро, сакано и сигурно.
Како што растат, нивното однесување се менува. Во тинејџерските години често се однесуваат како да се „премногу кул“ за да се гушкаат со родителите или да покажуваат љубов. Така, детето кое до вчера трчаше во прегратката на мама, денес превртува со очите кога ќе го повика, а кога ќе се обидете да го гушнете, се трга.
Но, под таа растечка независност, секое дете дури и најнамуртениот тинејџер, сè уште копнее по топлина, сигурност и блискост. Прегратките се тивок јазик на љубов, утеха и охрабрување, нешто што зборовите често не можат да го изразат.
Науката потврди дека физичкиот допир го ослободува окситоцинот, „хормонот на среќата“, кој го намалува стресот и ја зајакнува емоционалната врска.
Прегратките им даваат чувство на сигурност
Без разлика на возраста, на секое дете му е потребно да се чувствува безбедно. Прегратката е тивок начин да му кажете: „Безбеден/а си. Јас сум тука.“
Таа го потсетува дека има сигурност и безбедности на кои секогаш може да се врати кога животот е неизвесен. Кога го гушкате вашето дете, неговото тело ослободува окситоцин, го намалува хормонот на стресот и го смирува нервниот систем.
Прегратките ја зајакнуваат вашата емоционална врска
Како што децата растат, разговорите стануваат поретки, а кавгите почести. Прегратката го премостува тој јаз без зборови.
Таа ја потврдува блискоста и го негува чувството на припадност. Физичката нежност потсетува дека, без разлика на промените, училишниот притисок, промените во расположението или желбата за самостојност, вашата љубов останува постојана.
Прегратките им помагаат да се справат со стрес и анксиозност
Денешните деца се соочуваат со големи притисоци – училишни обврски, социјални очекувања, влијание на технологијата. Една едноставна прегратка може да биде моментално олеснување од стресот.
Истражувањата покажуваат дека физичкиот допир ослободува ендорфини и ја намалува анксиозноста преку забавување на срцевиот ритам.

Прегратките ја градат емоционалната интелигенција
Прегратката им помага на децата да ги препознаат и изразат своите чувства на здрав начин. Таа ги учи дека нежноста е нормална и дека љубовта не се заслужува, туку таа се дава.
Овој темел е клучен кога ќе пораснат и ќе создаваат свои односи. Дете кое е навикнато на прегратки, подоцна знае како да сочувствува, да теши и да ги контролира сопствените емоции.
Прегратките ги потсетуваат дека се безусловно сакани
Кога децата ќе направат грешка или ќе се однесуваат лошо, често се плашат дека ќе ја изгубат љубовта на родителите. Прегратката во таков момент зборува повеќе од илјада зборови: „Можеби не ми се допаѓа тоа што го направи, но јас сè уште те сакам.“
Прегратките го подобруваат физичкото и менталното здравје
Освен емоционална удобност, прегратките имаат и конкретни здравствени придобивки. Истражувањата покажуваат дека честата физичка наклонетост го зајакнува имунитетот, го подобрува сонот и го зголемува чувството на благосостојба.
Прегратките повторно ве поврзуваат во брзиот ритам на секојдневието
Во денешниот забрзан свет исполнет со екрани, обврски и социјални мрежи, лесно е блискоста да избледи. Прегратката, сепак, успева да го надмине сето тоа.
Дури и десет секунди физичка блискост можат да ја „ресетираат“ емоционалната состојба на детето и да ве потсетат двајцата на она што навистина е важно: вашата врска.
Понекогаш, прегратката е сè што на едно дете му е потребно за повторно да се почувствува сакано и сигурно.