Uncategorized

Има три години, а не кажува реченици и има проблем со оставањето на пелените… Како да постапиме?

ПРАШАЊЕ: Сакам да се советувам за син ми кој има три години, но сè уште не зборува, не кажува цели реченици. Кажува само неколку зборчиња, кога ќе му речеш нешто, го прави тоа. И со пелените има проблем, никако да ги остави. Како да постапиме во двете ситуации?

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Од она што го опишавте, вашето дете веќе изговара зборови и го разбира она што му го кажувате, извршува наредби и реагира. Секое дете го развива јазикот со различна брзина, но ако детето зборува малку, тоа може да биде знак на доцнење во комуникацијата или ситуации кои привремено влијаат врз вербалниот израз.

Поради тоа, би препорачала да продолжите да го поттикнувате говорот преку игра, моделирање и разговор, игри за развивање на фината моторика, минимално седење пред ТВ или таблети, лаптопи, и никако употреба на мобилни, паралелно со логопедска процена за да му дадете навремена поддршка на вашето дете. Потрудете се кога изговара нешто како: „Мамо, маче!“ да одговорите „Да, мало/големо маче!“ – на тој начин додавате уште зборови со кои може да се служи.

Околу пелените… Учењето за користење нокшир е важна пресвртница за детето што мора да се развива со текот на времето. Тоа е развоен стадиум и период кога детето ја доживува контролата врз телото како „моја одлука“, па секој притисок го претвора процесот во борба за моќ. Направете кратка пауза од обиди (2 недели) за да се намали отпорот, а потоа повторно да го понудите нокширот или адаптерот на шолја без наговарање или убедување, само со кратко „тука е ако ти треба“. Во исто време наместо со команда, да правите кратки рутински обиди, наутро кога ќе стане, после јадење, пред дневна дремка, пред спиење итн., во зависност од вашата дневна структура, без држење сосила и без објаснувања, а ако не сака, едноставно да кажете „во ред е, ќе пробаме другпат“. Обрнете внимание на знаците и тогаш понудете.

Најважно е да знаете дека ова е процес на созревање и дека детето го прифаќа нокширот тогаш кога чувствува структура, смиреност и простор да ја преземе контролата на свој начин и во свое време.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

Поврзани написи

To top