Прашај психолог храна

Има страв од јадење, се плаши дека ќе поврати и тоа е придружено со панични напади и гадење… Како да ѝ помогнеме?

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 8 години и последниов период има страв од јадење, особено нагласен во вечерните часови. Има лежено во болница кога имаше 2,5 и 3,5 години поради стомачен вирус, но веќе две години наназад нема повратено. Цело време повторува дека ѝ е страв да јаде, дека ако јаде, ќе поврати, особено навечер кога тоа е придружено со панични напади и гадење. Разговараме, се убедуваме дека е здраво дете, нема да ѝ биде ништо, но залудно. Плаче и одбива да јаде, понекогаш вели дека сака да ја нема зашто тоа никогаш нема да ѝ помине. Секој совет е добредојден.

ОДГОВОР: Целосно ја разбирам вашата загриженост и тежината на ситуацијата. Најпрво, би било добро да се навратите и да размислите дали можеби пред еден месец или малку повеќе се случило нешто – настан, разговор, промена или ситуација што можело да го „разбуди“ овој страв, дури и ако на прв поглед не изгледа толку значајно.

Иако хоспитализацијата се случила пред повеќе години, детската психа и телото не го доживуваат времето исто како нас, возрасните. Искуствата што детето ги имало кога било помало, како и чувствата со кои тогаш се справувало, можат повторно да се појават доколку бидат „потсетени“ или активирани од некоја ситуација или разговор, случка итн. Тогаш телото почнува да сигнализира страв, иако реално нема опасност.

На оваа возраст децата почнуваат поинтензивно да размислуваат и за телото, болеста, контролата и за „што ако“. Затоа, често гледаме дека анксиозноста се појавува без очигледна причина, но со многу силни телесни реакции – гадење, паника, плачење, чувство дека нешто лошо ќе се случи. Овие реакции најчесто се поизразени навечер, кога телото е уморно и кога има помалку дистракции.

Како родители, природно е да се обидуваме да објасниме и да увериме дека сè е во ред. Но, сепак, анксиозноста кај детето не функционира на рационално ниво. За детето, чувството што го доживува е многу реално и одбивањето на храната е начин на кој се обидува да се заштити.

Размислував и за можноста дали ова однесување може да биде поврзано со грижа за тежината или изгледот, но според описот, тоа не изгледа како примарен мотив. Децата што се загрижени за тежината обично имаат фокус на изгледот, споредување со другите.  Кај вашето дете фокусот е на стравот од повраќање и губење на контролата, проследен со паника, што повеќе укажува на анксиозно избегнување. Секако, вие најдобро го познавате вашето дете и можете да ги забележите овие нијанси.

Обидете се, колку што можете, да го намалите притисокот околу јадењето. Понудете храна со мирен тон, необврзувачки, без инсистирање и убедување. Многу е важно да ги признаете нејзините чувства, како: „Гледам дека ти е тешко“ или „Знам дека ова чувство те плаши“, „ Што е толку страшно?“

Најважно е вие да останете смирени. Ако се појави паника или анксиозен напад, зборувајте тивко, дишете заедно со неа и дајте ѝ до знаење дека тоа што го чувствува ќе помине. Често е доволно само да сте покрај неа, без многу зборување.

Навечер, обидете се да создадете мирна и предвидлива рутина – полесна и позната храна, помирни активности и избегнување разговори за болести или повраќање. Во текот на денот корисно е да се одржува дневната структура и рутина што веќе ја има. Кога ќе се обиде да јаде, пофалете ја смирено, без преголема еуфорија. Така постепено повторно ќе стекне доверба во себе и во своето тело.

Од друга страна, храната и јадењето кај децата не се поврзани само со телото, туку и со чувството на сигурност, близина и емоционална поврзаност. Кога детето е анксиозно, јадењето понекогаш е само начин каде што таа анксиозност се изразува, особено ако во моментот има зголемена чувствителност, страв или потреба за сигурност.

Поради тоа, важно е да бидете стабилни и емоционално достапни, да не се плашите и вознемирувате. Вашата смиреност и доверба му помагаат на детето да ја позајми таа сигурност додека само не ја изгради. Наместо фокусот да е на храната, понекогаш повеќе помага фокусот на односот – разговор, заедничко седење и поминување време заедно.

Сето ова е минливо. Со вашата поддршка и со стручна помош, вашето дете има многу добри шанси повторно да се чувствува сигурно и мирно.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, треба да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top