Мила вежба од три и пол години, а има освоено повеќе од 20 први места, 7 втори и 3 трети места во категорија соло и во категорија формација

Темпераментна, бунтовна и своеглава. Мирува само додека спие. Вака Милица Неделковска-Србиноска ја опишува својата седумгодишна ќерка Мила Србиноска, шампион во хип-хоп. Мила вежба од три и пол години, а има освоено повеќе од 20 први места, 7 втори и 3 трети места во категорија соло и во категорија формација. За хип-хопот, смета дека е фраерска музика, а оди и на гимнастика, плива и зиме сака да скија.

Дисциплината – јака страна

Мила е трето одделение во скопското Основно училиште „11 Октомври“. Вели дека студиото „Брејк а лег“, каде што вежба и учи хип-хоп, ѝ е втор дом. Играњето, иако напорно вежба, ѝ е забава.
– Како најзначајни успеси би ги издвоила 1. место кога станав европски шампион во категорија хип-хоп мини кидс 2017 година во Полска и освоеното 3. место на Светското првенство во Полска што се одржа минатиот месец – вели Мила.

Бенџамин Џафери, Мила, Трајче и Андријана Петковски и Филип Пашоски

Иако е малечка, дисциплината ѝ е јака страна. Секој ден станува во 7 часот и се подготвува за на училиште.
– Откако ќе ме земе мама од училиште, одам на тренинг или на англиски јазик, зависно од денот. Доаѓам дома, вечерам, се туширам и веќе во 21 часот сум во кревет. Додека се возиме во автомобил слушаме хип-хоп музика и играм – раскажува таа.
Се дружи со сите другари на школо, а најмногу со Галена, Петар Илиев, Лора, Анастасија, Петар С., Драгана и Ема.
Мила има симпатија, ама тоа е тајна.
Поради активностите, внимава што јаде, а гледа и здраво да се храни.
– Најмногу сакам мандарини, шпагети и макарони. Јадам многу овошје и зеленчук. Вежбам и мора здраво да се хранам – вели Мила.

„Да си го следи сонот“

Потекнува од спортско семејство по мама, додека музикалноста ја има наследено од тато. Љубовта кон хип-хопот веројатно ѝ е пренесена од мајка ѝ Милица.
– Откако знам за себе, слушам хип-хоп и порасната сум со таа музика. На две и пол години првпат ја однесов Мила во студиото. Се слушнав со Трајче Петковски, со кој се познаваме од деца, и отидовме, а бидејќи беше многу мала, добив препорака да ја донесам на три и пол години. И тогаш сè започна. Мила се пронајде во хип-хопот, ужива додека игра, а музиката ја доживува на необичен начин – раскажува Милица.

Мила вежба под надзор на Андријана и Трајче Петковски, а тренер ѝ е Бењамин Џафери, кој се грижи за планирањето и спроведувањето на тренинзите. Тренира од 3 до 6 пати неделно.
Според Милица, Мила е многу искрена, понекогаш дури и премногу.
– Кога станува збор за воспитувањето, имам одлична подлога од мојата мајка. Ако половина од тоа како сум јас воспитана ѝ го пренесам на Мила, би била пресреќна. Со Мила сме, пред сè, другарки, а потоа мајка и ќерка. Разговараме за сè, се договараме, понекогаш и се казнуваме. Често знам да ѝ кажам дека не се кажува сè што мисли, па оттука да добијам реплика: „Мамо, па нели треба сè да кажуваме, да не молчиме“. Ја учам да си го следи сонот, а јас сум секогаш тука за неа – вели Милица.



912

X