Познати ли ви се оние моменти кога детето бара да се повтори играта? И тоа точно на истиот начин, зарем не? И не само еднаш, туку уште еднаш, па уште еднаш итн. Ако случајно малку го промените ритамот, редоследот на играта или само еден збор, детето почнува да се буни, да ве поправа и да вели: Не, не се игра така. Што е она што предизвикува појава на таа желба за повторување?

Играв криенка со мојата тригодишна внука и секојпат се криев на различно место, а таа непрестајно ме исправаше и бараше да се скријам на истото место на кое се скрив првиот пат. Дали сте знаеле дека зад криенката и повторувањето на играта се кријат важни воспитни карактеристики за децата?

Играта „Ме нема – тука сум“, која децата ја играат од најрана возраст. Играта со која ние возрасните ги учиме децата и го поттикнуваме играњето „Ме нема – тука сум“. Криенка само на други нивоа, во зависност од возраста на детето. Со мали деца тоа е игра кога возрасното лице ги прекрива очите и вели: „Ѕе. Ме нема“. Потоа ги тргате рацете од очите и велите: „Ѕе! Тука сум!“ Што прави детето? Најчесто се смее и ние тогаш ја повторуваме играта бидејќи тоа покажува знаци за задоволство. А кога детето ќе биде малку постаро, тоа почнува со рацете да ги крие своите очи и да се крие, а ние му даваме повратна информација: „Каде си? Те нема. Аааа, тука си!“ И таа игра се повторува и повторува. Подоцна детето почнува да се крие зад некои предмети или лица. На почетокот соиграчи се возрасните, а како што расте детето, соиграчи стануваат неговите врсници или други деца.

Зошто криенката им е потребна на децата?

Довербата и сигурноста се особено важни во развојот и воспитувањето. Доверба е способност која детето ја носи со себе во животот. Има доверба во лицата што го опкружуваат. И штом ќе дојде некое непознато лице, детето се чувствува непријатно, се крие зад мајката и таткото, зарем не? И најчест коментар е: „Па немој да се срамиш“. Најчеста причина за тоа не е срамот, туку недовербата што детето ја има кон новото, непознато лице. Детето нема искуство со таа личност, па не може да има ниту доверба во неа. И потоа, по час-два детето ќе се опушти и тоа ново лице често знае да му стане нов суперпријател. Затоа што детето со текот на времето стекнало доверба во тоа лице. Спротивен на довербата е стравот кој се појавува токму таму каде што довербата е прекршена. Стравот доаѓа сам од себе. И децата мора да научат да ја совладаат несигурноста без да пропаднат во страв. Кога детето игра криенка или „Ме нема – тука сум“, ги покрива очите и вели: „Ме нема“. А штом ги тргне рацете, почнува да се смее, односно се ослободува од стравот и напнатоста. Со таа игра детето ги руши границите помеѓу сигурното и несигурното и не е ниту чудно што може да ја играат до 6-тата година, само на различни нивоа. Детето учи да го совлада стравот.

На што се должи повторувањето?

Кога детето постојано повторува „Уште еднаш, ајде уште еднаш“, со тоа повикува и моли за ритмична, повторувачка вежба со која ја тренира својата волја. Валдорфските педагози сметаат дека зајакнувањето на волјата е особено важно и во најголем дел се гради во претшколска возраст. Се сеќавате на ситуациите кога на мало дете сте му го нарушиле ритамот на хранење, спиење и слично, како се чувствувало потоа? Задоволно или вознемирено? Постојаниот распоред е важен за да чувствува сигурност, предвидливост и доверба. Знаете ли за броењето „Еци, пеци, пец“? И тоа децата често го повторуваат, изговараат исти зборови. Знаат сè напамет, но повторуваат. Ритмичното повторување кај децата од претшколска возраст влијае врз развојот на волјата. А колку волјата ни е важна и потребна? Стара народна поговорка вели: Човек може сѐ што сака само ако има волја.

Автор: Лана Кихас, едукатор, воспитувач



912

X