Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам проблем со мојата 9-годишна ќерка – не сака да спие сама во својата детска соба. Јас и нејзиниот татко сме 8 години разведени, па во тој период таа спие со мене, но сега, по 8 години, јас се премажив и неколку месеци, додека да се навикне на новата средина, повторно спиев со неа. Разговарам со неа дека секое дете си спие во својата соба, а дека родителите спијат во спалната соба, но никако не прифаќа, вели дека ѝ е страв да спие сама. Понекогаш спие и со помалото дете на мојот сопруг, но кога треба да спие сама, плаче, ме гушка… Навистина ги сфаќам нејзините чувства, таа е приврзана за мене, но барам стручен совет како да постапам, како да разговарам со неа… Инаку, таа сака овде да живее, се навикна на новата средина исто како да е тука родена и за тоа сум многу среќна, но кога ќе дојде време за спиење, таа прашува со кого ќе спијам. Ми вели: „Спиј со мене, страв ми е…“ Исто така, таа по природа е срамежлива, со деца си зборува нормално, а кога некој возрасен ќе ја праша нешто, нема да му одговори или ќе го смени говорот, ќе одговори како бебе. Еве 9 месеци сме кај сопругот, а таа воопшто не му зборува, а со децата е сè ок, исто така и сè е ок со братчето, како отсекогаш да се познаваат…
ОДГОВОР: Драга мајка, навиките што децата ги создаваат рано се поригидни и потешко се менуваат како што тие растат и созреваат. Од особена важност е да се стимулира нејзината независност и формирањето на личносниот интегритет. Како што можам да ве разберам, таа кажува дека не сака да спие сама бидејќи се плаши. Но каков е тој страв, дали некогаш сте зборувале за тоа, од што точно се плаши. Охрабрете ја да го нацрта тој страв, да зборува во негово име, многу е веројатно дека има што да ви каже. Ова е важно бидејќи оттаму треба да почнете да го одмотувате клопчето на веќе создадената навика да спие со мама.
Обидете се да ја поддржите и да ѝ кажете дека и вие кога сте биле мала, сте поминувале низ вакви процеси, навики и стравови. Треба да знае дека ова е нешто што не ѝ се случува само нејзе. Оттука е важно и како ја охрабрувате на таа самостојност, дали е тоа: „Голема си, срамота е веќе“ или пак: „Веројатно имаш причина вака да се чувствуваш и да се однесуваш, но сепак потребно е да размислиме што можеме да направиме во врска со ова“.
Христина Стефановска
Направете и двете посебен список со бура на идеи како би можела таа да почне самостојно да спие. Потоа соединете ги списоците и заедно најдете прифатливи решенија. На пример, може да спие со омиленото кадифено мече, може да има ламба во својата соба. Пред спиење заедно читајте некоја книга. Ви ја препорачувам „Мица се плаши“. Конкретно во таа книга се претставени сите стравови што едно дете на таа возраст може да ги има.
Понудете ѝ да си пишува дневник во кој ќе раскажува сè што чувствува, доживува и мисли. Во врска со тоа дека не зборува со возрасни, потребни ми се информации од типот како се однесува со авторитети: наставници, тренери итн., дали незборувањето со возрасни е карактеристично само за одреден пол, на пример, само за машкиот итн. Преселбата и новото семејство се нова семејна динамика во која таа јасно треба да знае дека што и да се случи, вие секогаш ќе бидете покрај неа, особено во нејзиното срце. Кажете ѝ колку се гордеете со неа, колку сте среќни што ја имате баш неа за ќерка, колку е неповторлива и единствена на овој свет.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912