однесување Прашај психолог

Има 5 години, а почна да се однесува како бебе, дури и зборува така. Постојано ми вели дека сака повторно да биде во „мешето на мама“…

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 5 години и разви многу промени во однесувањето во последниве неколку месеци. Почна да се однесува како бебе, па дури и да зборува така, постојано ми кажува дека сака да биде во „мешето на мама“ повторно. На почетокот мислев дека се шегува, но ова се случува подолго време. За најмала ситница плаче и се крие во некој ќош (никогаш не била казнета, ниту било побарано од неа да седи во ќош), негодува и се лути доколку не ја исполнам секоја нејзина желба, а кога сме на детски роденден или некаде излезени седи залепена до мене. Да напоменам, овој период одамна го надминавме кога беше помала и немавме никаков проблем до пред некое време, ниту пак имавме некоја промена за да почне повторно вака да се однесува, нема помало братче или сестричка, туку сестра близначка која воопшто не пројавува вакво однесување. Воедно, внимание и љубов им е посветено еднакво на двете, никогаш не се двоени за ништо, дури нејзе ѝ се посветува повеќе внимание поради погоре опишаното.

Кога ќе ја прашам што ја тера да се однесува така и дали има некој проблем или нешто ѝ се случува, дома или во градинка, најчесто одговара површно со некоја банална моментална причина и си продолжува повторно по старо. Кога се лути, најчесто клоца со нозете, ги стега забите и кенка како мало дете. Ве молам за совет и насока како да постапиме.

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Однесувањето што го опишавте наликува на развојна регресија која е доста честа кај децата на оваа возраст. Регресијата значи дека детето привремено се враќа на порана, „помала“ фаза на однесување затоа што на тој начин се обидува да се справи со некоја внатрешна напнатост или несигурност. На оваа возраст децата сè уште немаат способност да ги разберат и регулираат своите емоции, па кога чувствуваат збунетост, страв, љубомора, притисок или потреба за поголема сигурност, тие го изразуваат тоа  преку ваквите однесувања, а не преку зборови.

Желбата „повторно да биде во мешето на мама“, прилепувањето, плачењето за мали работи или криењето во ќош се начини на кои детето всушност порачува: „Види ме, имам голема потреба за сигурност, заштита и безусловна блискост“, односно бара повторно да ја почувствува сигурноста дека сте тука за неа.

Од друга страна, кај близнаците често се случува секое дете да развие различен начин на емоционална регулација, иако растат во иста средина. Едното дете може полесно да ги задржи емоциите во себе или побрзо да се смири, додека другото има потреба да ги изразува чувствата поинтензивно. Вие споменавте дека и порано се има случено вакво однесување, што значи дека таа има поголема потреба од емоционално огледување и регулација преку вас, родителот, односно преку присуство, смирување и именување на чувствата.

Тука е и потребата за ексклузивна љубов бидејќи секое дете постојано го доживува присуството на другото дете кое ги добива истата грижа и внимание. Поради тоа, регресијата понекогаш е несвесен обид детето повторно да го добие тоа привилегирано место кај родителот и, однесувајќи се како бебе, симболично да се врати во период кога чувствувало поинтензивна и посебна мајчинска љубов и грижа.

Важно е чувствата на детето да ги прифатите смирено и со разбирање, без да го поттикнувате регресивното однесување. Наместо да барате логично објаснување (бидејќи и таа самата не знае зошто го прави тоа), помогнете ѝ да ги препознае и именува емоциите: „Гледам дека ти е тешко“, „Можеби си лута или тажна затоа што нешто не беше како што сакаш.“ Бидете физички блиски, гушкајте се, кога ќе побара да седне в скут, гушнете ја, зборувајте мирно. Истовремено, нежно потсетувајте ја на нејзината возраст и способности („Ти веќе знаеш како да ми кажеш што ти треба“). Границите нека останат мирни и конзистентни бидејќи токму тие граници и предвидливоста му даваат на детето чувство на сигурност. Корисно е и повремено кратко индивидуално време со секое дете, прошетка, читање приказна, разговор во автомобил – моменти во кои детето чувствува дека има посебно место со вас. Кога ќе помине испадот на бес и детето повторно ќе се смири, тогаш може мирно да разговарате за тоа што се случило: „Пред малку беше многу лута, видов дека ги стегаше забите и клоцаше со нозете“, а потоа помогнете ѝ да најде поинаков начин да го изрази чувството: „Кога ќе ти биде толку тешко, можеш да ми кажеш ‘мамо, многу сум лута’ или да дојдеш да се гушнеме“, притоа јасно кажувајќи дека чувствата се дозволени, но фрлањето или клоцањето не се начин на кој се справуваме со нив. Преголемата строгост може да ја зголеми анксиозноста, а преголемото попуштање може да ја засили регресијата.

Ваквите фази се привремени и постепено се смируваат кога детето повторно ќе почувствува доволна сигурност и стабилност. Најважно е да почувствува дека неговите емоции се видени и прифатени и постепено да се охрабрува соодветната самостојност. Тогаш детето природно ќе излегува од ваквите фази.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top